Град Скопје апелира да не се пали оган и да не се остава смет за 1 Мај

Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ апелираат до граѓаните кои планираат претстојниот празник 1 Мај и деновите од продолжениот викенд да ги поминат во природа, да не палат оган на отворен простор и да не фрлаат отпад.

Тоа особено се однесува на граѓаните кои ќе ги посетат парк-шумата Водно, Паркот на природата Гази Баба, СРЦ Сарај, Езеро Треска, кањонот Матка и други излетнички места.

– Воедно, ги информираме граѓаните дека екипи на Градот и на ЈП „Паркови и зеленило“ во согласност со мерките и надлежостите за одржување и за заштита на градското и вонградското зеленило, ќе преземаат мерки и активности за превентивно дејствување. Тие ќе бидат присутни и ќе вршат контрола на јавните површини и потсетуваме дека казната за палење оган на јавна површина е 200 евра, а за фрлање и за оставање отпад 50 евра – информираат од Град Скопје.