Граѓанскиот сектор бара Владата да ја смени одлуката за драстично намалената финансиска поддршка

Фото: Арбнора Мемети

Граѓанскиот сектор ја повика Владата да ја преиспита одлуката за драстично намалување на финансиската поддршка за граѓанските организации, објавена во „Службен весник“ на 9 април 2020 година, со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно им се укинува или сериозно се намалува.

„Одлуката е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со
граѓанските организации, засегнатите страни и пошироката јавност, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време. Се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, со што државата дефакто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од епидемијата на Ковид-19“, стои во заедничкото соопштение на 73 граѓански организации, мрежи и платформи.

Се додава дека тие уште од самиот почеток на епидемијата многу брзо и ефикасно се мобилизираа, ги ставија на располагање сите свои ресурси и преку низа активности обезбедија директна и хуманитарна помош за најпогодените граѓани.

„Оваа реакција од огромно значење за граѓаните, за жал Владата не ја препознава како партнерство во борбата со Ковид-19. Дотолку повеќе, одлуката за намалување на финансиската поддршка, сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на помош и поддршка на заедниците во време на криза и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи“, се вели во соопштението.
Поради тоа граѓанските организации ја повикуваат Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог, на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена, поддршка за остварувањето на нивните мисии и цели, особено на активностите за справување со кризата предизвикана од епидемијата.