Гори магацин за нафта во регионот Курск по нападот со украински беспилотни летала, тврдат руските власти

Во нападот нема повредени, а пожарот во еднa од цистерните бил брзо изгаснат. Сепак, 82 пожарникари и 32 единици опрема беа вклучени во обидот за гаснење на пожарите во другите две цистерни, вели в.д. гувернерот на областа Курск

Фото: Укринформ.нет

Три цистерни во складиште за нафта во рускиот регион Курск се запалиле како резултат на напад со беспилотно летало лансиран од Украина, изјави в.д. гувернерот Алексеј Смирнов а пренесе Ројтерс.

„Во нападот нема повредени, а пожарот во еднa од цистерните бил брзо изгаснат. Сепак, 82 пожарникари и 32 единици опрема беа вклучени во обидот за гаснење на пожарите во другите две цистерни“, напиша Смирнов на својот Телеграм канал.

Руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека системите за противвоздушна одбрана уништиле два беспилотни летала над регионот Курск.

Смирнов рече дека беспилотните летала оштетиле и неколку станбени згради во регионот, при што е повредено едно лице.

Меѓународните новински агенции не можат да ги потврдат ваквите тврдења. Од Украина до сега нема коментар.

Двете страни негираат дека целеле цивили во војната што Русија ја започна против својот помал сосед во февруари 2022 година. Киев рече дека неговите напади врз руската енергетска, воена и транспортна инфраструктура се одговор на континуираните напади на Москва на територијата на Украина.