Ѓорѓиев: Камионите со нафта ќе може да поминуваат преку Дојран и Меџитлија

Камионите што превезуваат нафта и нафтени деривати, покрај на граничниот премин Богородица, ќе може да поминуваат и на граничните премини Дојран и Меџитлија, информираше портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Оваа одлука била донесена на денешната владина седница, а привремениот режим ќе почне да важи од вечерва и ќе трае до 5 март.

– Владата денеска стапи во контакт со Царинската управа, која доби задолжение веднаш да обезбеди кадар и логистика што ќе овозможат нормално функционирање на овие гранични премини. Исто така, и МВР доби задолженија според кои треба од свој аспект да озбезбеди определено прифаќање на овие транспортни средства врз основа на кои овие цистерни ќе влегуваат на премините Меџитлија и Дојран – изјави Ѓорѓиев.

Тој додаде дека состојбата со блокадите се следи и дека се планираат соодветни мерки.

Граничниот премин Евзони е блокиран веќе девет дена, а превозниците наоѓаа алтернативни патишта за да ја донесат стоката во Македонија.

Камионите што превезуваат нафта и нафтени деривати, од граничниот премин Евзони се пренасочуваат и кон Ново Село, Бугарија, изјави за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.