Гореле диви депонии во Желино и Боговиње

Пожари имало на депониите во атарот на селото Церово во Желино и во селото Боговиње

Фото: ЦУК

Две диви депонии синоќа гореле во Полошкиот регион. Според информациите од Центарот за управување со кризи се случиле два пожари на отворен простор во последното деноноќие, во атарот на селото Церово во Општина Желино и на дивата депонија над расторанот „Дарданија“ во селото Боговиње во Општината Боговиње. Според информациите од ЦУК, двата пожари се локализирани, а во гаснењето учествувале пожарникари со противпожарни возила и ренџери од Наионалниот парк „Шар Планина“.

Од ЦУК денеска апелираат и за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, ветер и снег на повисоките места. Заради нестабилното време и најавите за пообилни дождови со ветер е неопходно да се чисти локалните одводни канали, не се фрлаат отпадоци во нив, за да не предизвикаат поплави.

ЦУК апелира да се внимава и на градилиштата и да се обезбедат сите предмети кои при силен ветер можат да бидат опасност за луѓето коишто се во околината.

„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи“, информираат од ЦУК.