Горел дом за стари лица во струмичко Банско, нема повредени

Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две протипожарни возила, немало повредени лица, а огнот бил целосно изгаснат

Извор на фотографија: Photo by Pamoni Photograph: https://www.pexels.com/photo/flames-in-close-up-view-2726986/

Пожар го зафатил домот за стари лица во селото Банско, синоќа околу полноќ, информира регионалниот Центар за управување со кризи од Струмица. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две протипожарни возила, немало повредени лица, а огнот бил целосно изгаснат.

„Прво биле евакуирани лица од катот каде што настанал пожарот, а потоа од подолните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица се вратени во собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени“, информираат од ЦУК.