Глувите и наглувите ученици од „Партение Зографски“ можат безбедно да стасаат на училиште

Фото: МОФ

Глувите и наглувите ученици од училиштето „Партенија Зографски“ од општина Гази Баба конечно можат безбедно да стигнат во училиште, откако булеварот „Александар Македонски“ доби семафори, а претходно на делот со фреквентната улица „Благоја Стефковски“ беа поставени лежечки полицајци, знаци и вибрациски ленти за намалување на брзината, соопшти Младинскиот образовен форум.

„Ова е резултат на барањата на глувите и наглувите ученици од Клубот за демократско учество уште пред повеќе од една година“, велат оттаму.

Активистите од МОФ се залагаа за ваквото решение бидејќи младите, кои не можат да ги чујат сирените на возилата, биле изложени на опасност и никаде не било означено дека во близина се наоѓа училиште со ученици со оштетен слух и говор.

„Опасноста доаѓаше и од фактот што булеварот „Александар Македонски“ продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од Скопје. Поради ова, лани во март со поддршка на директорите на „Партенија Зографски“ и „Михајло Пупин“, беа контактирани релевантните институции“, се вели во соопштението од МОФ.

Клубот за демократско учество доби позитивен одговор за поставување сообраќајна
сигнализација, светлосни знаци, платоа за смирување на сообраќајот, ознаки за „школо“ и сл.

МОФ апелира до надлежните органи ваквите процеси во иднина да се одвиваат што е
можно побрзо, проблемите на младите да се сфаќаат сериозно и глувите ученици да
имаат еднаков пристап до образовните институции како и нивните врсници.

Во последните пет години на улиците во Гази Баба имало повеќе незгоди. На „Благоја
Стефковски“ се случиле 113 сообраќајни незгоди со телесни повреди, 9 со тешки телесни повреди и 1 лице кое трагично го загубило животот.