Германската влада не признала дека пандемијата на ковид-19 била лажна

Неоснованото тврдење, кое е најновата реинкарнација на теоријата на заговор дека вирусот е лажен, се чини дека потекнува од веб-страница која редовно пласира дезинформации, пишува Вистиномер

Фото: Wikimedia commons/dronepicr

Германската влада не „признала“ дека нема пандемија на корона вирус, спротивно на тврдењето во објавата што ја анализираме, а која се темели на погрешно прикажување на документите од Институтот за контрола на болести во земјата. Неоснованото тврдење, кое е најновата реинкарнација на теоријата на заговор дека вирусот е лажен, се чини дека потекнува од веб-страница која редовно пласира дезинформации, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека германската влада признала дека немало пандемија на коронавирус. Ваквото тврдење е невистина.

Сега што правиме, стои во објавата.

Ваквото тврдење е поттикнато од напис објавен на веб страницата Гласот на народот (The ​​People’s Voice) претходно позната како News Punch. Станува збор за американска веб-страница за лажни вести со седиште во Лос Анџелес.

Според „Гласот на народот“, германската влада објавила 2.000 страници „тајни“ документи по барањето за слобода на информации поднесено од новинарот Пол Шрајер и неговото списание „Мултиполар“.

Иако написот не дава дополнителни детали, според Мултиполар, документите откриле дека владината одлука донесена во март 2020 година, да го подигне нивото на ризик од пандемијата на високо ниво е политички потег преземен од „надворешен актер“ чие име било редактирано, наместо од здравствените службеници.

„Гласот на народот“ цитира објава на социјалната мрежа Икс во која се заклучува дека пандемијата е „измама“ затоа што класифицирањето на ковид-19 како висок здравствен ризик било политичка одлука, а не научна.

Сепак, германската федерална институција за контрола на болести, Институтот Роберт Кох појаснува дека редактираното име е име на вработен во институтот, а не на „надворешен актер“, пишува АФП во својата анализа за проверка на фактите.

Од Институтот посочиле дека одлуката за прекласификација на ковид-19 како висок здравствен ризик била донесена, бидејќи случаите на заразени во тој период се зголемувале во Европа и ширум светот, при што СЗО прогласи пандемија неколку дена пред состанокот на работната група.

Заклучно со 5 мај 2024 година, Светската здравствена организација објави повеќе од седум милиони смртни случаи од ковид-19.

Германскиот телевизиски информативен сервис Тагесшау, исто така, го отфрли тврдењето дека надградбата на проценката на ризикот била политички мотивирана.

Оттука, германската влада не „признала“ дека нема пандемија на коронавирус, што е спротивно на тврдењето во објавата која ја анализираме, а која се темели на погрешно прикажување на документите од Институтот за контрола на болести во земјата. Неоснованото тврдење, кое е најновата реинкарнација на теоријата на заговор дека вирусот е лажен, се чини дека потекнува од веб-страница која редовно пласира дезинформации. Поради ова, објавата која ја анализираме ја оценуваме како погрешна.