Германска лабораторија ја потврди автентичноста на прислушуваните разговори

Врз база на анализа на еден од телефонските разговори што ги објавува опозицијата, помеѓу премиерот Никола Груевски и еден од министрите, германската лабораторија „Тонамбуланк“, која направила анализа по барање на „Ал Џезира“, ја потврдува нивната автентичност, објави медиумот.

Станува збор за разговорот во кој се слуша како Груевски и Јанакиески договораат провизија од кинеска компанија која гради автопат во Македонија.

Експертот за аудио, Фабиан Шерер, анализирал исклучиво дали се работи за монтирана снимка, а не и на тоа кому припаѓаат гласовите.

– Сметам дека се работи за оригинал. Не може да се каже со сигурност од 100 отсто, но 99 проценти тоа е оригинална снимка – тврди тој.

Шерер објаснува дека има два тонски канали, кои се тешко да се лажираат, а доцнењето од еден канал до друг се секогаш исти. Кога би биле монтирани, доцнењето би се менувало. Според него, опремата користена за прислушувањето е професионална.

– Се работи за доста чист глас, а од другата страна има малку шум. Тој формат од 8.000 битови е карактеристичен за професионална опрема и затоа мислам дека е професионална снимка –  вели тој.

Германскиот експерт е дециден дека е многу тешко изводливо е да се лажираат, односно да се монтираат вакви снимки.