„Гардијан“ го вброи младиот Дашмир Елези меѓу 60-те најталентирани фудбалери во светот

Принтскрин од рангирањето на Гардијан на Дашмир Елези меѓу најдобрите фудбалски таленти

Угледниот британски весник „Гардијан“ го прогласи младиот фудбалер Дашмир Елези за еден од 60-те најталентирани фудбалери во светот за годинава, меѓу играчите од овој спорт кои се родени во 2004 година. Тој игра на позицијата напаѓач во фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово, а воедно е и член на македонската фудбалска репрезентација до 19 години.

Елези, кој идниот месец ќе наполни 17 години, оставил извонреден впечаток кај спортските новинари на „Гардијан“. Тие за младиот фудбалски талент ќе напишат дека е подеднакво опасен со двете нозе, дека е брз, агилен, интелигентен со топката и атрактивен за гледање, а во 30-те одиграни натпревари за фудбалскиот клуб Шкендија има постигнато 7 голови.

Името на Дашмир Елези и клубот Шкендија се најде меѓу младите фудбалски таленти на едни од најголемите светски фудбалски екипи, како што се Лацио, Манчестер Сити, Ајакс, Лил, Лион, Рома, Борусија Дортмунд и многу други познати и искусни екипи.