Фрчкоски: Нема да има консензус за името, власта треба да ја понесе одговорноста

Нема да се создаде национален консензус за спорот за името, за решението ќе биде одговорна политичката елита која го носи процесот и тоа секогаш и во секое општество било така, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

– Нема да се создаде таков консензус. Политичката желба околу консензусот е разбирлива, таа секој политичар ја посакува за вакви прашања и се обидува да ја промовира. Решението ќе биде одржливо, такво да не задира во националното достоинство и идентитет и за тоа ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа така секогаш било, во секое општество донесено за вака клучни прашања. И во таа смисла ќе биде апсорбирано, јас мислам дека по месец-два тоа прашање ќе престане да биде тема воопшто. Ако е вака како што знаеме отприлика, очекуваме дека решението ќе биде околу идентитетот, јазикот и името – вели Фрчкоски.

Тој додава дека во таа смисла смета дека ќе биде прескокната, „не знам како, не ми е јасно во овој момент, не можам да го досогледам тоа“, и фазата со референдумот околу ова прашање.

– Мислам дека ќе бидат донесени решенија, тие потпишани во Собрание, ние примени во НАТО во една брза постапка и тоа ќе создаде една сосема нова клима која потоа дури и да се оди на референдум ќе ја обуслови одлуката на референдум со позитивните импакти и со одржливоста на решението – вели универзитетскиот професор.