Фотошопирана фотографија го претставува македонскиот јазик како бугарски

Фотографијата на која е прикажано македонското знаме, а до него за јазик пишува Bulgarian (Serbianized), е манипулација и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Фотографијата не е реална туку е фотошопирана

Фото: Принтскрин од објава на Фејсбук

Фотографијата на која е прикажано македонското знаме, а до него за јазик пишува Bulgarian (Serbianized), е манипулација и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Фотографијата не е реална туку е фотошопирана. Тоа прво се забележува кај знамињата, каде што македонското знаме не е рамномерно со другите знамиња, туку е поголемо. И алатките коишто се користат за да се види дали со фотографијата е извршена манипулација покажуваат дека фотографијата е менувана, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува манипулирана фотографија од процес на инсталација на софтвер, каде до македонското знаме е напишано дека јазикот е бугарски односно посрбен. Фотографијата е фотошопирана, а објавата невистинита.

Идентитетот #Бетон….

#Бетонски чизми за го*ната, па со кајче беСплатно на сред езеро…, пишува во објавата.

На објава на социјалната мрежа Фејсбук прикачена е фотографија којашто наводно покажува еден од чекорите при инсталирање на програмот Steam. Steam е услуга за дигитална дистрибуција на видео игри развиена од Valve Corporation. Steam нуди различни функции, како што се склопување на серверот за игри со мерки за заштита на Valve, социјално вмрежување, и услуги за стриминг на игри.

Притоа во делот каде што треба да се избере јазик доколку го инсталирате програмот, на прикачениот принтскрин прикажано е дека програмот дава повеќе опции за избор на јазик на којшто сакате да ја користите програмата. Помеѓу поголем број на светски јазици има опција којашто изгледа чудно. Една од опциите е избор на бугарски јазик, а од левата страна стои знамето на Бугарија. Во заграда кај оваа опција на англиски јазик пишува „традиционален“ (traditional). Она што е необично кај оваа фотографија е што има уште една опција за избор на бугарски јазик, но овој пат од левата страна се наоѓа фотографија од знамето на С.Македонија. Кај оваа опција во заграда пишува „посрбен“ (Serbianized). Ова се користи да се истакне дека идентитетот и јазикот не ни се загарантирани, па оттаму ироничноста во напишаното „Идентитетот бетон“.

Но оваа фотографија е манипулација и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Фотографијата не е реална туку е фотошопирана. Тоа прво се забележува кај знамињата, каде што македонското знаме не е рамномерно со другите знамиња, туку е поголемо. Вакво нешто не може да се случи и забележи при инсталирањето на програми.

Ја проверивме фотографијата со две алатки кои се користат за да се види дали со фотографијата е извршена манипулација. Според апликацијата Maybe’s AI Art Detector, има 96 отсто веројатност дека фотографијата е изменета.

Алатката Fake image detector покажува дека фотографијата е компјутерски генерирана или изменета.

Ја симнавме програмата Steam да видиме што точно се појавува при инсталацијата. Понудени се повеќе опции, но ниту една од тие не е Bulgarian (Serbianized). Има опција да изберете бугарски јазик (Bulgarian), но меѓу понудените нема опција македонски јазик. Исто така, нема знамиња на државите до јазиците.

Оваа фотографија е фотошопирана со цел да се подгрева тензичната реторика на социјалните мрежи во однос на спорот што го имаме со Бугарија. Фотографијата ги измамува корисниците на социјалните мрежи, во реалноста при активацијата на програмот Steam не го пишува тоа што се тврди во Фејсбук објавата. Затоа, објавата ја оценуваме како невистина.