[Фото] Викендов на Средно Водно сообраќаен хаос, паркира кој каде ќе стигне

Фото: Мета.мк

Бесплатните автобуси за викенди и празници до Средно Водно проработеа, функционален е и бесплатниот паркинг кај „Дом на печат“, но граѓаните на Водно за викенди продолжуваат да одат со автомобили. Мета.мк вчера беше на Водно и забележа хаос со паркирањето. Возила се паркираат на секоја можна слободна површина на патот меѓу Долно и Средно Водно, но и на патот од Средно Водно кон Нерези.

Она што се случуваше во текот на вчерашниот ден на Водно се повторува изминативе викенди. Премногу возила во претпладневните часови се упатуваат кон Средно Водно, а голем дел од нив не сакаат да платат паркинг на обележаните паркинзи од по 100 денари за еден час. Вчера можеа да се забележат контролори на ЈП „Градски паркинг“, кои наплаќаа и казнуваа на обележаните паркинг места.

Но, надвор од нив, долж патот беа паркирани возила коишто никој не ги казнува, и покрај тоа што Градот Скопје пред извесно време постави столбчиња на патот меѓу Долно и Средно Водно. Од левата и десната страна, долж патниот правец можеа да се забележат паркирани автомобили. Полицијата во еден момент кај хотелот „Панорамика“ го забрани движењето на возилата кон Средно Водно за да не се блокира во целост патот.

Поради тоа што е дозволено секој да паркира кај ќе стигне на Средно Водно, бесплатните автобуски линии 25, 25А и 25Б, коишто повторно се воведоа овој месец, возат полупразни. Градските власти месецов повторно ја воведоа опцијата за граѓаните да паркираат бесплатно за викенди и празници на паркингот кај „Дом на печат“, а оттаму да продолжат кон Средно Водно со автобус. Но, мал е бројот на моторизираните граѓани што ја користат оваа можност.

Како што забележавме на терен, најголем дел од патниците што го користеа бесплатниот јавен превоз се граѓани кои без автомобил заминале на рекреација на Водно, обидувајќи се пешачењето да го искомбинираат со автобуски превоз.

Инаку, грдата слика на блокирано Водно со автомобили се повторува во викендите. Градот Скопје кога ја пушти во употреба жичницата и бесплатните автобуски линии, апелираше граѓаните своите возила да ги паркираат на обележаните паркиралишта и да го чуваат зеленилото и јавните површини на Водно, но очигледно од состојбата на терен е дека треба да се пишуваат повеќе казни за време на викендите за непрописно паркирање или целосно да се забрани движењето со возила кон Средно Водно.