Формалдехидот кој бил најден во клиничкиот систем за кислород може да биде канцероген

Формалдехидот е силно иритативна материја. Ако се работи за повеќе од 0,75 микрограми, таму веќе може да има белодробен едем и други посериозни компликации, вели токсикологот Беќаровски

Фото: Мета.мк

Формалдехидот ги иритира горните респираторни патишта, очите, и носот и може да предизвика алергии и воспаленија, а при подолготрајна изложеност може да биде и канцероген. Вака директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев ги објаснува карактеристиките на формалдехидот за кој министерот за здравство Арбен Таравари рече дека е најден во клиничкиот систем за кислород.

Неговиот колега од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски вели оти формалдехидот предизвикува иритација на нос и главоболка.

„Формалдехидот е силно иритативна материја. Ако се работи за повеќе од 0,75 микрограми, таму веќе може да има белодробен едем и други посериозни компликации. Но, во случајов сигурно се работи за микроконцентрации“, вели Беќаровски.

Операционите сали на државниот Клинички центар поради непријатна миризба беа ставени вон употреба, а германски експерти истражуваа која е причината за појавата на оваа миризба. Токму формалдехидод има карактеристичен остар, силен и иритирачки мирис, и е запаллив.

Професорот Владимир Петрушевски од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет, вели дека секако не е добро формалдехид да се најде во систем за кислород кој го вдишуваат пациенти.

„Тоа е благ отров. Прашањето е како се нашол таму. Ако цевките се направени од пластика, содржат пакелит, а тоа е една од првите пластични маси која содржи формалдехидна смола. Па така, ако некои црева/цевки се изработени од пакелит, можно е по извесно време, откако ќе им помине рокот на употреба, да се ослободи од нив формалдехид. Во секој случај, тој има благоотровно дејство“, вели Петрушевски.

Министерот Таравари денеска на новинарско прашање кажа дека постојат одредени информации дека во операционите сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е пронајдена мала концентрација на формалдехид, но сѐ уште Министерството за здравство не добило ништо официјално.

„Што и да ви кажам ќе биде неформално, неточно, несигурно. Причекајте, ние сме транспарентни, сето тоа што го добиваме го споделуваме со јавноста. Веќе се работи на нова набавка за комплетно нова компресорска станица и комплетно нова инсталација, со што се надевам дека овој проблем ќе се реши што е можно поскоро оти ваквите ситуации создаваат несигурност кај пациентите што ги користат здравствените услуги“, рече Таравари.

Поради проблемот со системот за кислород и компримиран воздух, голем дел од хируршките сали се затворени од средината на мај. Дел од операционите сали работат со надворешни компресори кои се изнајмуваат. Бројот на операции е редуциран, а неитните случаи се одложуваат за по неколу месеци. Товарот го понесоа „8 Септември“ и Градска болница, каде што има и по 150 операции за 10 дена.

Министерот Таравари на брифинг со новинарите информираше дека до Нова година се очекува да се нормализира работата на хируршките клиники при Клиничкиот центар, бидејќи дотогаш се очекува да бидат инсталирани нови компресори за кислород. Откако не се пријави никој на првиот тендер, беше објавен втор.