Фондацијата Метаморфозис промовира пет нови комуникациски групи за правилно и брзо информирање

Фондацијата „Метаморфозис“ денеска преку онлајн-настан ги презентираше новосоздадените комуникациски групи на платформите за комуникација WhatsApp и Viber, наменети за новинарите и за пошироката јавност.

Како што истакна Горан Ризаов, модераторот на настанот, преку групите на WhatsApp наменети за новинарите, тие ќе може да постават официјални прашања до претставниците на власта и да добијат брз официјален одговор на 4 теми: Ковид-19, Попис, Животна средина и Интеграции.

За јавноста пак е отворена Viber (Вајбер) група за пласирање проверени информации под името ДЕ ФАКТО, каде се пласираат анализи на најшироко распространетите дезинформации кои се разобличени од страна на сервисот „Вистиномер“.

Во дискусијата што беше составен дел на настанот, говорниците најмногу внимание посветија токму на ширењето на дезинформациите, но и на потребата од поголема транспарентност на власта и на централно и на локално ниво.

Според Марјан Забрчанец, Национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, одговорноста за правилно информирање или справување со дезинформациите, не е само кај новинарите, туку дека на овој феномен мора да се пристапува како што сега се прави, со заедничка постојана активност и на власта и на новинарите и на невладините организации.

Тој рече дека Владата се залага за активна транспарентност, и во тие рамки, иако има слабости, сепак поголем број се позитивните примери и апелираше тој тренд да го следат и локалните власти, односно општините.

„Кога имате активна транспарентност и нудите факти и информации, тогаш е потешко дезинформаторите да пласираат свои содржини. И сите ние како чинители, и власта и невладините, имаме и ресурси за кревање на јавната свест, поттикнување критичко размислување и дигитална писменост. Треба да се работи активно за медиумската писменост, за да расте демократскиот капацитет кај пошироката јавност, да се иницира сомнеж во сè што е кажано, да се бара проверка“, нагласи тој.

Според Бардил Јашари, Извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, иако се работи на тој план, сепак не се прави доволно во битката против дезинформациите кои се шират главно преку социјалните мрежи.

„Новинарите строго да ги следат професионалните стандарди и да работат според кодексот на ЗНМ и да ги следат препораките на Советот за етика. Невладините треба да работата на едукација на граѓаните за тие покомпетентно и поодговорно да ги користат социјалните мрежи и да ги консумираат содржините. Ние во Метаморофозис сметаме дека е исклучително важно да се работи на медиумска писменост“, рече Јашари.

Тој смета дека не е можно да се сузбијат сите актери што шират дезинформации да ги сузбиеме, и тоа е главно поради демократската природа на интернет, која се злоупотребува од тие актери.

„Но, ако секој од нас работи и соработуваме, имаме шанси за успех“, нагласи извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

Како што посочи Катерина Синадиновска, Претседателка на Управниот одбор на Советот за етика на медиумите на Македонија, една од клучните работи во борбата против дезинформациите е новинарите да не шпекулираат и да цитираат официјални извори, а не сомнителни и непроверени извори.

„За новинарите, ако инфорамцијата се обработи како што треба, мали се шансите да излезат потоа дезинформации. А, кога нешто се објавува, некоја непроверена информација, треба да се прашате дали тоа што ќе се објави ќе помогне на јавниот интерес“, порача Синадиновска, посочувајќи и дека начинот на кој маркетинг агенциите ги делат парите од рекламниот колач – врз основа на бројот на посети, голем дел од медиумите ги претвора во сензационалистички.