Европратениците ги повикаа партиите да работат одговорно и во интерес на државата

Европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, посредници на Договорот од Пржино, денеска го поздравија постигнатиот договор меѓу четирите главни политички партии за продолжување на имплементацијата на Договорот и на обврските преземени на 20 јули годинава, кои вклучуваат и подобрување на медиумската ситуација во земјата, како и согласноста предвремените парламентарни избори да се одржат на 11 декември годинава.

– Се надеваме дека синоќа прифатените обврски од четирите главни политички партии ќе помогнат во справување со неодамнешната политичката криза и ќе ја вратат земјата на европскиот и на евроатлантскиот пат. Во однос на тоа, ќе продолжиме да го поддржуваме процесот на политички дијалог, кој има цел да ги исполни обврските преземени со Договорот од Пржино, особено за спроведување веродостојни избори, зајакнување на владеењето на правото и за имплементација на реформските приоритети“, стои во заедничката изјава на тројцата европратеници.

Тие, исто така, ги повикаа сите политички партии да работат одговорно и во интерес на државата и да осигураат дека нивното однесување за време на изборната кампања ќе придонесе за градење доверба во интегритетот на изборниот процес. Европратениците потсетија дека Европскиот парламент ќе биде присутен за време на изборниот период за да даде поддршка.

„Земјата долго време ја издржуваше предолгата криза, а ние, како посредници на Европскиот парламент во овој процес, повторно ги повикуваме политичките лидери да покажат одговорност и да се издигнат над нивните постојни обврски, во интерес на демократските аспирации и интереси, пред сè, заради македонскиот народ“, стои во заедничката изјава.