Еврејската заедница одбележува 72 години од холокаустот на македонските евреи

Со комеморации во Скопје, Битола и во Штип, еврејската заедница во Република Македонија денеска ќе одбележи 72 години од депортацијата и холокаустот на 7.144 македонски Евреи во концентрацискиот логор Треблинка.

Делегации од Еврејската заедница вчера, како и на секој 10 март минатите години, ги посетија Битола и Штип – градови во кои до 1943 година имало големи еврејски заедници.

Централното одбележување е денеска во Скопје. Делегации од Еврејската заедница и од Собранието на Република Македонија ќе положат цвеќе на местото на привремениот логор – Монополот и на Еврејските и партизанските гробишта во Бутел. Активностите ќе завршат со комеморативен концерт во 20 часот, во киното „Фросина“.

Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, денеска Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупаторски власти, уапсени биле 7.144 Евреи.