ЕУ со негативни реакции за новите грчки предлози

Грција преживува нови моменти на неизвесност со шпекулациите дека европските партнери не ги гледаат новите грчки предлози за реформи како конструктивни и одржливи. Владата на Алексис Ципрас вчера достави нова листа предлози до европските институции, како дополнување на претходните. Светските медиуми јавуваат дека првите неофицијални реакции од Европската комисија за листата не се воопшто позитивни, со што почнува нов трилер и исчекување за грчката страна.

Агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на извори од ЕУ, забележува дека првите оцени се дека предлозите се недоволни и неадекватни на досегашните барања и договори. „Блумберг“, пак, цитирајќи свои извори, вели дека во европските институции коментираат дека предлозите се нејасна преработка на претходни предлози и не се сметаат за кредибилни за да се прифатат како дел од договорот за нова помош за Грција.

Она што предизвика дополнителна вознемиреност беше изјавата на портпаролот на Европската комисија, кој нејасно одговори дали ќе се оствари утрешната предвидена средба меѓу првиот човек на Комисијата, Жан Клод Јункер, и премиерот Ципрас. Портпаролот изјави дека средбата ќе се оствари доколку постојат соодветни услови за неа, без да одговори децидно и сигурно.

Грчката влада не обелоденува што има во новите предлози, но стои на ставот дека и покрај сите притисоци со кои се соочува на домашен и на меѓународен план, продолжува со политичките преговори за реален договор за грчкиот долг кој нема да го стави народот одново во менгеме на строги рецесивни мерки. Според неофицијалните информации, во дополнителните листи на грчката влада има предлози за понизок примарен суфицит оваа година, предлози за минимално зголемување на данокот на додадена вредност за да се задоволат европските барања, укинување на предвремени пензии, но не се прифаќаат мерки како воведување ДДВ од 23 отсто за електрична енергија за домаќинствата.

За предлогот во Брисел утре детално ќе разговараат Ципрас, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд. Ципрас се очекува одново да повтори дека Грција сака да постигне конечен и финален договор кој ќе ѝ помогне на грчката економија да се крене на нозе и да продолжи да се развива и да напредува следните години.