ЕУ отвора канцеларија во Гренланд во потрага по критични суровини

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, заедно со данската премиерка, Мете Фредериксен ќе ја отворат канцеларијата на ЕК во главниот град на Гренланд

Image by Mario Hagen from Pixabay

Во обид да се зајакне партнерството со Гренланд, остров богат со ретки суровини од стратешко значење за зелената транзиција во Европа, Европската комисија (ЕК) ќе ја отвори својата канцеларија на автономната данска територија во петок, на 15 март.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, заедно со данската премиерка, Мете Фредериксен ќе ја отворат канцеларијата на ЕК во главниот град на Гренланд, Нук. Гренланд и Фарските Острови не се дел од ЕУ, туку се автономни региони на Данска, членка на Унијата.

Поради топењето на мразот на Арктикот, побарувачката за материјали кои се користат за развој на зелени технологии и конкуренцијата од Кина, Гренланд станува сè поважен за Брисел.

Се верува дека најголемиот остров во светот има 25 од 34 ретки материјали потребни за транзиција кон чиста енергија.

Специјалниот советник на Фон дер Лајен за трговија и меѓународни партнерства, Томас Берт, изјави дека Гренланд има многу суровини, како што се ретки земјени елементи и метали, кои на Унијата ѝ се потребни за зелена транзиција.

„Ни недостига пристап до некои од тие материјали. Затоа, исклучително е важно да имаме партнери кои можат да ги обработуваат, произведуваат и минираат тие критични суровини“, вели Берт.

Тој додава и дека Гренланд има огромен потенцијал, но дека сè уште се во рана фаза кога станува збор за истражување и за потребните инвестиции.

Посетата на Фон дер Лајен, рече Берт, треба да се сфати како геополитичка, со порака до Гренланд дека, иако не е дел од ЕУ, сепак е дел од Европа.

Берт го пофали Гренланд поради почитувањето на многу санкции на ЕУ против Русија и додаде дека Унијата сака да ги подигне односите на повисоко ниво.

Министерката за економија, трговија и суровини на Гренланд, Наја Натаниелсен, вели дека новата канцеларија на ЕК ќе служи како локална платформа за трансатлантска соработка меѓу ЕУ и Гренланд и дополнително ќе се надоврзува на веќе постоечките и развиени односи.

„Договорот за минерали е од взаемен интерес“, рече Натаниелсен, додавајќи дека на Гренланд му е потребна билатерална соработка за развој на тој сектор, кој бара значителен капитал и долгорочни инвестиции.

„Ако западниот свет сака одржливи разновидни безбедни синџири на снабдување, некои од тие минерали ќе мора да доаѓаат од помали земји, како Гренланд. Немаме економска сила сами да инвестираме во секторот за минерални суровини“, додаде Натаниелсен.