ДУИ: Граѓаните да останат мирни и да не подлегнуваат на дезинформации

Од Демократската унија за интеграција велат дека со голема загриженост ги следат денешните случувања во Куманово и апелираат до граѓаните за ладнокрвност и да не подлегнуваат на какви било провокации.

„Демократската унија за интегрaција смета дека денешните настани во Куманово, но и тие претходните во Гошинце и експлозијата пред седиштето на ДУИ, како и други, се дејства што се во целосна спротивност со стратешките определби на албанскиот народ како во Македонија, така и на Косово, во Албанија и на Прешевската Долина.

Ние сме убедени дека само една стабилна и сигурна Македонија може да биде од полза на целиот регион и дека ниту една дестабилизација на земјата не е во интерес на албанскиот народ во регионот.

Албанците во Македонија имаат однапред определена агенда и се во содејство со САД, ЕУ и со НАТО и сакаат да ја видат земјава со целосна еднаквост на граѓаните, со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, во мир и стабилност, како и зачленета во НАТО и интегрирана во Европската унија.
Ги каниме и медиумите и опинионистите да демонстрираат голема одговорност во ова многу деликатно време и да се воздржат од понатамошно поттикнување на тешката ситуација.
Граѓаните на Куманово и особено во населбата каде се одвиваа денешните настани, треба да останат мирни и да не подлегнуваат на разни дезинформации.
Истовремено, Министерството за внатрешни работи треба да постапува со целосна одговорност кон чувствителноста на безбедносната и на политичката ситуација“, се вели во соопштението од ДУИ.