ДС: ВМРО-ДПМНЕ да биде конструктивна и силна опозиција

Демократскиот сојуз денеска го оцени вториот круг од локалните избори како фер  и демократски.

„Граѓаните без притисоци, закани и клиентелизам, слободно се изјаснуваа за кандидатите за градоначалници и за советници. Граѓаните ги поддржаа промените, реформите и евроатланските процеси, клучни за иднината и за перспективите на Република Македонија. Изборите и победата на коалицијата предводена од СДСМ се чисти како солза. Затоа повикуваме на единство и на сплотеност околу нашите стратешки, национални и државни интереси“, се вели соопштението на Демократскиот сојуз.

Во однос на одлуката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да не ги признае изборите и да бара предвремени парламентарни избори според пржинскиот модел, од ДС порачуваат дека, наместо негирање на определбата и волјата на мнозинството граѓани, во интерес на сите граѓани е ВМРО-ДПМНЕ да биде конструктивна, кооперативна и силна опозиција и на локално и на централно ниво.

„Времето на поделби на патриоти и на предавници заврши, треба да се сврти нова страница и да се отворат перспективи за сите граѓани, без разлика на етничката, партиската и верска припадност. Конечно, треба сите да ги засукаме ракавите и да работиме, доста ни е од вонредни и од предвремени избори. Да направиме сè што е неопходно за животот да се врати во нормала и да почне стабилен економски развој“, велат од ДС.