Охриѓаните И.Б. (26) и Р.Ф.(23), откако биле фатени како крадат дрва, со моторна пила нападнале шумски полицаец, а пред тоа физички се пресметале и со шумар, вработен во охридската подружница на Јавното претпријатие „Македонски шуми“.
Поради основан сомнеж дека извршиле напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста, СВР од Охрид и на двајцата им поднесе кривична пријава.
Настанот се случил кај месноста Тројанско поле, во атарот на селото Долно Лакочереј, каде шумарот В.Б. вршел контрола за противправна сеча на огревно дрво. Тој се обидел да запре патничко возило „застава 101“ со охридски регистарски таблички, кое било натоварено со огревно дабово дрво, а во кое се наоѓале двајцата пријавени.
Пријавените, откако го сопреле возилото, веднаш му се нафрлиле на шумарот, нанесувајќи му повеќе удари со раце и со нозе по целото тело, по што со истото возило избегале кон излезот на селото.
По кратко време, нивното возило се обидел да го сопре И.С., припадник на шумската полиција. При излегување од возилото, пријавените се обиделе со моторна пила да го повредат шумскиот полицаец, по што веднаш избегале од местото на настанот.
По преземени оперативни мерки, СВР од Охрид ги пронајде и ги приведе И.Б. и Р.Ф., по што извршен е разговор со нив, а во присуство на јавен обвинител, било спроведено и нивно препознавање од страна на двајцата оштетени.