Дождот ја спаси од пожарите куќата што Коле Танев ја изгради во спомен на неговиот син

Стојанче Ангелов потврди дека во моментов има 13 активни пожари, изгаснати се 9, а локализирани 6. Фокусот е на Серта која гореше изминативе денови, кај Калањево сега не гори, но сè уште се прават проверки

Коле Танев во неговиот двор во Калањево (18.07.2024) Фото: Мета.мк

Дождот го изгасна пожарот на планината Серта во близина на Калањево, селото кое беше најзагрозено поради близината на зафатените места до куќите на жителите. Коле Танев, човекот за кој вчера пишуваше Мета.мк, денеска вели дека душата му е на место, откако нема повеќе опасност дека може куќата да му изгори, a која ја изградил во спомен на неговиот починат син.

„Сега нема повеќе опасност. Пожарот е изгаснат од страната на Калањево благодарение на дождот. Но, е активен кај Криволак, од другата страна на планината Серта. Сега се чувствувам побезбедно, се смирив малку“, вели Танев за Мета.

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК), денеска информираа дека вкупно во моментов активни се 13 пожари, изгаснати се 9, а локализирани шест.

„Фокусот е на Серта која гореше изминативе денови. Кај Калањево сега не гори, но се прават проверки. Таму имаме армиски и полициски хеликоптери кои вршат обиколка на целата планина и дејствувааат каде што е потребно. На другиот дел на Серта кај Криволак, нема активно горење, но два хеликоптери го надлетуваат и овој простор. На штипската страна на Серта, кај Драгоево и Селце, надлетуваат хеликоптери. Секаде на Серта имаме припадници на АРМ“, кажа Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК.

Мета.мк вчера објави репортажа од пожарите близу Калањево, заедно со животната приказна на неготинецот Коле Танев, кој будно со денови седеше во куќата што сам ја изградил во спомен на неговиот син кој починал од карцином, а кој доаѓал во ова место за да дише чист воздух. За неготинци, ова е една од најголемите природни катастрофи кои досега ги имаат видено, со оглед на тоа што за многумина од нив планината Серта е нивното богатство и најголемиот извор на чист воздух.

Изгорена нискостеблеста шума близу Калањево. Фото: Мета.мк

Освен на Серта, Мета.мк беше и во обиколка на Огражден, во села во општината Ново село, каде што исто така има активни пожари. Пожарникарите беа константно на терен и влегуваа во најголемите огнени стихии во стрмен и непристапен терен за да гасат пожари. Во пожарите на Огражден изгореа над 500 хектари борова шума.

Серта во пламен: Куќата ја изградив за починатиот син, ако изгори ќе изгубам сè

 

Автори: Антонија Поповска, Теа Димковска