Допир на убавината – мото на годинешните „Струшки вечери на поезија“

Со мотото целта е да се потенцира аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината која е отелотворена во поезија. На овој начин ќе се одаде почит на иновација на Брајовото писмо, чија кодификација е направена пред 200 години

Пишаното останува, кога ќе се прочита се врежува во нашата меморија и тука стои, може да се употреби и пренесе, а може и да остане засекогаш во нас. Денес промотивно се одржа прес конференција на која се соопштија деталите за Програмата на годинешното издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Тој е еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали кој се одржува уште од 1961 година, во вообичаениот термин, од 22 до 26 август во своето автентично издание на препознатливите локации. 

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

Мотото на годинешниот фестивал е „Допир на убавината“. Со ова мото целта е да  потенцира оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината која е отелотворена во поезија. Главната цел е да се одаде почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација е направена пред 200 години, која им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо, со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.

Познато име кое ќе се најде на Фестивалот е францускиот лауреат, истакнатиот поет Жан Пјер- Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот е на 24 август и според традицијата ќе се одржи во катедралната црква Св. Софија во Охрид. Освен него, повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.

Оваа година, во рамки на Програмата на фестивалот ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски.

Во рамки на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од катедрата за македоска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во рамки на пригоден настан, „Декади поезија“, ќе бидат одбележани годишнините на живот и творештво на петмина истакнати македонски поети.

Во програмата се предвидени портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“, а годинешната добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитанска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“. Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година ќе биде објавен на самиот почеток на август.

Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година, во рамки на Фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија, а самиот Фестивал е дел од овој проект уште од 2014 година.

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен редовните публикации: Монографијата за добитникот на Златен Венец, Зборникот на Фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата Браќа Миладиновци, изданието на добитникот на наградата Мостови на Струга, ќе биде издадена Антологија насловена „Од поети за поети“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети, коишто се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така, ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тројазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамки на платформата Версополис.

Свеченото отворање и свеченото затворање ќе се одржи на препознатливите локации, а во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“,кој е еден од нашите главни поддржувачи, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.