(ИНТЕРВЈУ) Коцев: Убаво би било кога би можело да се живее од пишување, особено од поезија

Неговата поезија е несекојдневна и е одличен ковач на фрази и нови изрази со практика на елоквентно себеизразување со едноставни зборови

Фото: Лична архива

Добрин Коцев има дипломирано на ПМФ на отсекот за биохемија и работи во струката, но и покрај тоа, тој е еден од највпечатливите оригинални поети во моментот во Македонија. Неговата поезија е несекојдневна и е одличен ковач на фрази и нови изрази со практика на елоквентно себеизразување со едноставни зборови. 

 

Со вашата прва збирка поезија „Збрка поезија” направивте „бум“ меѓу поетите во Македонија. Иако правите и хумористични и меланхолични песни, тие сепак се базираат на долгогодишна работа на поезија. Дали сè уште објавувате нови содржини на Фејсбук во скратена форма, па потоа ги сублимирате во книги?

Коцев: Ова искрено првпат го слушам од тебе, не сум имал време од премногу потпишување на автограми и книги, и трошејќи ги парите од книгата, на крстарења.
Шала на страна. Ќе бидам далеку поскромен од твоето видување, не верувам дека сум направил „бум“, но сепак ми е мило кога ќе ја видам некаде, споделена од млади луѓе, случајно. Мило ми е ако им се допадне барем на неколкумина. Објавувањето на Фејсбук продолжи и се надевам ќе продожи и понатаму. Тоа е некој вид создавање во живо, чисто експресивно. Комуникација при творење, кога поетот додека пишува не е толку сам. Поезијата ја пишувам и веднаш ја објавувам. Понекогаш нецелосна, често со печатни и правописни грешки. Фејсбук го гледам на некој начин како платформа за објава на мои скици од тоа што треба да биде песна. Така и почнав, уште на времето на Блогерај. Дел од тие песни може да се најдат во книга, дел од нив не. Се случува, баш оние од кои сум помалку задоволен, да поминат подобро кај публиката. Мислам дека доста песни од мојата збирка веќе бесплатно беа објавени. Верувам во социјалните мрежи како начин на зближување. Немам трпение да ги чувам ексклузивно за во книга.

dobrin-kocev-chitanje-poezija-fotografijata-se-koristi-so-dozvola
Фото: Лична архива

Кој е вашиот став за употребувањето на вулгарности во пишувањето поезија, дали тоа помага за импактот на самите песни како поискрен изблик на емоции?

Коцев: Тит, тит, знаеш тит ( кога би било ова интервју во живо, често би титкало и би ми ја замаглувале устата). Се шалам, верувам во слободата на говорот, верувам во слобода на изразување. Верувам во обичните зборови. Верувам во искреноста. Пораснав со субкултурите каде што вулгарноста е честа и нормална појава. Си ветив дека барем до 35 години можам, после тоа ќе бидам малку помек.

Секако дека формалното образование не е репер за добар писател или поет – има бројни примери за тоа. Имавте дури и издржани коментари како, парафразирам „како тоа звучи: Дипломиран поет”. Како гледате моментално на нашата книжевна сцена што се однесува до поезијата? Дали според вас се нуди доволно простор и можности да се пробаат успешно со поезија и луѓе кои не се книжевници по струка? Или тоа е индивидуална борба – мисијата да се издаваат книги?

Kоцев: Од сите уметности, најмалку верувам во образување на поет, можеби помалку и од тоа на писателот. Единствена таква образовна институција, да речеме што е најблиску до тоа е Катедрата по oпшта и компаративна книжевност и слични катедри. Од тоа што сум ѕирнал, предметот креативно пишување е застапен само во еден семестар. Во ред е сето тоа, да се познаваат основните принципи, нарација, лик, време, место..не знам…естетика, теорија, помага човек да се начита, но сепак повеќе оваа катедра ја гледам како катедра за наука од областа на литературата, повеќе како солидно образование за литературни критичари, како што е на пример историчар на уметноста , а не уметник. Не можам да зборувам воопштено за нашата поетска книжевна сцена, бидејќи е премногу фрагментирана. Сметам дека сепак постои некоја мала група од десетина луѓе кои сакаат да го монополизираат тој поетски простор. Ама сепак сум ѝ благодарен, бидејќи, за разлика од мене барем нешто прават, активни се. Мисија да се создаваат книги…што знам…нека се и само пишувања на Фејсбук кои ќе траат.

Сепак верувам дека пишувањето поезија е 30% болка, 30% самотија, 30% алкохол, 5% талент и уште 5% начитаност. Сè е умерено. Верувам и во наивната, аутсајдерска уметност.

Поетесата и писателка Верица Мукоска иницира проект за Агенција за книга. Што мислите дека би биле добри мерки да се преземат институционално за да се унапреди можноста трудот на поетите да биде платен адекватно во Македонија?

Коцев: Убаво би било кога би можело да се живее од пишување, особено од поезија. (и можеби некој живее, искрено не знам) ама, убаво е и да се живее за тоа. Убаво е да се живее, како што ми велат. Интересно би било кога би имало специјално таква работна позиција. На пример, отвораш оглас и читаш – барам поет, полно работно време, платен оброк и бесплатен превоз. И влегуваш во така некоја огромна хала, и само наредени маси со лаптопи, на кои пишуваат стотици поети од 8 утрото до 16 попладне. Плус прекувремено се плаќа 150%, плус саботи, со сите бенифиции. Генерално убаво е да се има иницијативи. Лично, не гледам многу на уметноста низ призмата на институциите, и се трудам колку што можам да го одбегнувам тоа, ама сепак поддржувам. Би се појавил на штрајк на синдикат на слободните гладни поети (се смее). Можеби постхумно подобро би се живеело од поезија, литература, уметност воопшто.

Добрин Коцев со книгата Fight Club. Фотографијата се користи со дозвола

 

Кога би споредувале, го применувате надреализмот на Буковски и тежината на стихот на Мајаковски, но секако ова не значи дека ги копирате. Пишувате повеќе љубовна, лирска поезија проткаена со доста хумор и кованици на зборови иако се фаќате во коштец и со општествена поезија и дневни настани. Кој од овие правци ви е најважен и зошто?

 

Коцев: Младите поети копираат, искусните крадат, велат некои, а јас се осеќам измеѓу. Дваесетиот век беше век на правците, на „измите“, на изумите…денес веќе се повеќе треба да се рециклира. Подобро е човек да не чита ништо. Тогаш ќе помисли дека Буковски го применувал реализмот на Коцев, а Мајаковски леснината на неговиот стих, го копирале. Не следам ништо. Пишувам како што знам и умеам и колку што можам.

Покрај поезијата пишувате и проза, т.е. раскази. Поезијата со малку зборови може да каже многу, а од друга страна прозата нуди поопширен, детален и концизен израз. Во која од двете насоки наоѓате поголем спектар на изразување?

Коцев: Искрено преку сликање, ама не знам црта да повлечам. Ниту знам да свирам некој инструмент. Чекор по чекор, верувам дека човек треба да созрее доволно за да објави роман. Искрено, немам време, особено трпение, сега за сега, да читам поопширни дела. Ниту да пишувам. Сум имал обиди и после десетина страни сум се откажувал. Привремено е тоа. Два стиха, хаику, мало песниче, мини – расказ. Расказ во стихови, поезија во проза. Ја сакам кратката литература, без разлика дали е тоа поезија или проза, ги мразам кратките разговори со непознати. На ова прашање ќе се надврзам со еден микро-расказ „Роман“.

Сум напишал некој долг, комплексен роман.

Сум пробал да го читам…сум се збунил, не знам што сум пишувал, што е идејата. Досаден ми беше, а другите го фалат. Сум го оставил уште на триесеттата страна. Не се чувствувам дораснат да го прочитам.

Покрај читањето книги, карактеристика на поетите е да се сака и музиката, всушност и во „За поетиката” од Аристотел е спомнато дека во антика кога се рецитирала поезијата секогаш била придружувана со музика. Дали мислите дека многу од поетите и поетесите кај нас се под влијанија од музички песни што ги слушале и несвесно вметнуваат сегменти во својата поезија? Кои ви се омилени музички бендови?

Коцев: Лично, повеќе сум се инспирирал од другите уметности, отколку од друга поезија. Како инспирација да, но на моменти сум многу против тоа, поезијата да биде придружувана со музика, или било која друга уметност. Убаво е. Украсно е, добива на моќ, ама сепак мислам дека е доволна сама на себе. Сирова, сурова. Уметност сама за себе. Кога слушате филхармонија во живо, никој не чита поезија во позадина. Фокусот е на музиката. Според мене, во совршено сценарио, не би требало да има ниту микрофон, ниту звучник помеѓу поетот и публиката. Впрочем, најдобро би било да нема никакви поетски читања. Да го оставиме читателот сам со зборовите, мислите, звуците. Поезија без аплаузи. За моите омилени музички бендови веќе имам напишано на Фејсбук, каде што објавувам музика, нешто класика, Рахманинов, Џон Кејџ, Штокхаузен, free-jazz, post-punk, trip-hop, опера, no wave, Einstürzende Neubauten, Јоко Оно, индaстријал, Throbbing Gristle Ник Кејв.. Боуви хајп… Нешто такво, штосно, алтернативно и експериментално, нешто како андерграунд авангарда, несфатено демек во тој стил, а уствари го слушам Ѓорги Крстевски – цар.

Кои ви се омилени поети и поетеси?

Добрин Коцев фотографијата се користи со дозвола
Фото: Лична архива

Коцев: Дефинитивно прв поет кој уште како мал ме воодушевил е Ричард Бротиган. Малку познат поетски каубој. Според некои критики Буковски е Т.Елиот, Крејн за сиромашни. Овој е Буковски за сиромашни. Ме натера да пишувам. Омилена поетеса ми е девојка ми, кога ми пишува за добро утро, за убава ноќ, барем по еден збор. Ги поддржувам сите, особено нашите поетеси, има нешто во нив што маж не умее да го напише.

 

Дали имате некое креативно хоби што го практикувате со години?

Коцев: Работата, кога не пишувам поезија. 

Имате тренирано бокс на аматерско ниво. Дали и ден денес се бавите активно со спортување?

Коцев: Да. Кревање тензии, кригли, трчање по автобуси, по нејзе, од кардио – панични напади, скокање во бездна, пливање во долгови, боксување по тврди предмети, пешачење лево – десно, медитација на седативи, влечење јаже, гризење нокти, илјадамачни вежби за пивски стомак…

Кои ви се омилени филмови, серии и книги? Набројте по три во секоја категорија.

Филмови:
А Serbian Film,
The Human Centipede,
Било кој со Адам Сендлер.

Серии:
Сите турски серии,
Малечката невеста,
Family guy.

Книги:
Касни – порасни
Биохемија I
Tипологија на безрбетници ( мала скрипта, но прилично тешка)

Кога би се цитирал самиот себе, која фраза би ја употребил како животно мото?

Коцев: Хммм, подобро би било кога други би ме цитирале, дури и кога би ме парафразирале. Ми остана во сеќавање кога мојот пријател и тогашен цимер имаше период на невозвратена љубов… и за прв пат го видов толку многу пијан. Се врати во станот и повторуваше една моја стара песна. Едвај го легнав да спие. Понекогаш и јас ги спомнувам моите кратки песни, од кои сум задоволен.