ДОМ: Предлагаме итни мерки за загадувањето кои можат да се преземат денеска

Од партијата ДОМ преку соопштение предлагаат итни мерки против загадувањето на воздухот кои што може да се преземат денеска и среднорочни мерки за период од еден до три месеци.

Како итни мерки од партијата предлагаат да се воведе пар-непар режим на возилата, бесплатен јавен превоз, забрана за тешки товарни возила низ град, забрана за возила под Еуро 4 стандард, затворање на градилиштата како и преполовување на производството на индустриските објекти што загадуваат. Според ДОМ како дел од итните мерки се и редовното собирање на отпадот и редовното миење на улиците како и зголемени инспекциски контроли. Тие апелираат да се ослободат од работа бремените жени и лицата со респираторни и кардиоваскуларни болести.

Како дел од среднорочните мерки од ДОМ предлагаат субвенции за печки на пелети, сончеви панели за топла вода, изолација на домовите, субвенции за вградување плински уреди во возила што загадуваат, субвенции за хибридни и електрични возила, набавка на електрични автобуси како и пропишување листа на дозволени горива во домаќинствата и индустријата со забрана за нееколошки пелети со лепила.