Џорџ Сорос му ја предаде финансиската империја на синот Алекс

Алекс рече дека ги проширува либералните цели на неговиот татко и ќе поддржува иницијативи како правото на глас, абортусот и родовата еднаквост

Niccolò Caranti, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос му го предал управувањето со својата финансиска и добротворна империја вредна 25 милијарди долари на синот Алекс.

Џорџ Сорос, кој има унгарско потекло, во интервју за Волстрит Журнал изјавил дека неговиот син го заслужил управувањето. Портпарол на Сорос ги потврдил деталите од интервјуто и за Би-Би-Си.

Семејството Сорос од 1990-тите години е насочено кон поддршка на градењето на демократијата во десетици земји, но во последниве години 92-годишниот филантроп беше во фокус на низа антисемитски заговори.

Бизнис холдинзите на Сорос ја вклучуваат неговата непрофитна Фондација Отворено Општество, која е активна во повеќе од 120 земји ширум светот и на годишно ниво доделува околу 1,5 милијарди долари за групи кои ги поддржуваат човековите права и го промовираат растот на демократиите, пишува „Политико“.

Џорџ Сорос е и еден од најголемите донатори на Демократската партија на САД, пишува Би-Би-Си.

Алекс, кој има 37 години и дипломирал историја, е второто најмладо од неговите пет деца. Тој ја презеде функцијата претседател на Фондацијата Отворено Општество во декември и е задолжен за „super PAC“ (супер ПАК) механизмот на неговиот татко – механизам за насочување на средства кон политичките партии.

Иако нашироко ги делат истите политички ставови, Алекс за Волстрит Журнал изјави дека е „пополитички“ од неговиот татко и дека ќе води кампања против обидот на Доналд Трамп да се кандидира за втор мандат како претседател на САД.

Тој додаде дека Фондацијата Отворено Општество ќе ги следи истите цели што ги имала додека со неа управувал неговиот татко, вклучувајќи слобода на говор, реформи во кривичната правда, правата на малцинствата и бегалците и поддршка на либералните политичари. Алекс рече дека ги проширува либералните цели на неговиот татко и ќе поддржува иницијативи како правото на глас, абортусот и родовата еднаквост.