Дигиталните вештини се клучни за младите, особено кај маргинализираните групи како Ромите

Дигиталната писменост е особено важна за да граѓаните можат да препознаат дезинформации и онлајн измами, кои стануваат сè поприсутни во добата на содржини генерирани од вештачка интелигенција, посочи Јосифовска Даниловска од Фондација Метаморфозис

Фото: Мета.мк

Треба да се инвестира во обучувањето на младите во дигитални вештини, да се зголеми дигиталната писменост и како и пристапот до дигитални уреди, особено кај маргинализираните групи, како што се Ромите.

Ова беа заклучоците на денешната панел-дискусија на темата „Дигитални вештини и младинска невработеност“, во рамките на Националната конференција за имплементација на политиките за инклузија на Ромите, организирана од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико.

На дискусијата говореа Алберт Мемети и Марија Сулејманова, програмски менаџери во Ромалитико, Мила Јосифовска Даниловска, програмска координаторка во Фондацијата Метаморфозис, како и Митко Пиштолов од Македонскиот центар за граѓанско образование, кој е тим лидер за развој на вештини од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Сулејманова го презентираше истражувањето за дигиталната писменост кај ромската заедница, спроведено од Ромалитико.

Од 1269 испитаници, 54 отсто биле невработени. Триесет и четири отсто од испитаниците имале само основно образование, 33 отсто биле со средно образование, а 18 отсто биле без образование.

Повеќе од половина од испитаниците воопшто немале комуницирано со јавни сервиси преку интернет, а над половина од тие кои не комуницирале рекле дека тоа се должи на недостаток на вештини и знаења. Дополнително, речиси 80 отсто од испитаниците немале платено онлајн сметка за електрична енергија, парно, вода или други услуги.

Сулејманова истакна дека во истражувањето се препорачува имплементирање на програми за дигитална писменост во училиштата на ромските заедници, поголема промоција на актуелните веб-страници за онлајн сервиси, како што е e-uslugi.

„Ме загрижува тоа што политика како што враќањето на ДДВ не стига до помаргинализираните и посиромашните, на кои најмногу им треба. Таквите политики остануваат во средната класа. Погрешно дизајнирани политики може да резултираат со погрешна таргетирана популација“, вели Мемети за наодите на истражувањето.

Тој потоа ги презентираше наодите од друго истражување на Ромалитико, во врска со невработеноста кај младата ромска популација. Истражувањето открило дека 19 отсто од машките Роми биле невработени повеќе од две години, додека 11 отсто од жените Роми биле невработени повеќе од две години.

Впечатливо е тоа што само половина од испитаниците би прифатиле работа во друг град, но дури 77 отсто од испитаниците би прифатиле работа надвор од државата.

„Младите се незадоволни со општествената состојба. Тие се незадоволни со присуството на митото и корупцијата. И покрај тоа што некои ќе завршат високо образование, општествените услови ги тераат да ја напуштат државата“, вели Мемети.

Тој смета дека дигитализацијата може да биде од корист за Ромите, особено при справувањето со јавните институции.

„Развојот на дигитализацијата ќе ја намали дискриминацијата со која Роми се соочуваат при јавни услуги. Нема да треба да се справуваат со добропознатото ‘дојди утре, дојди задутре“, вели Мемети.

Пиштолов зборуваше пошироко за условите за работа кај младите. Иако тој смета дека образованието кај нас е корисно, тоа има многу простор за подобрување.

„Овој свет не ист како тој од пред дваесет години. Поинакви вештини се бараат, а образованието е истото какво што било пред дваесет години“, рече Пиштолов.

Тој истакна дека во курикулумите на сегашните образовни институции недостасува соодветно изучување на меки вештини, дигитални вештини, финансиска писменост и кариерно советување.

Но, според Пиштолов, главната причина зошто млади луѓе си одат државата е тоа што има недостиг на можности за вработување и градење на капацитети. Тој вели дека компаниите генерално се поподготвени да вработат постари искусни лица, отколку да земат млад кадар и да го обучат. Иако втората опција бара повеќе енергија и ресурси, тој смета дека е неопходна за да се развие земјата, велејќи дека институции како  Стопанската комора треба да размислат на начини како да се наградат компаниите кои ќе вработат и обучат млади луѓе.

Јосифовска Даниловска се осврна на важноста од ширењето на дигиталната писменост, овозможувањето на пристап на дигитални уреди, како и спроведувањето на целосна дигитализација во државните институции.

„Тоа што како Метаморфозис го предложивме како иницијатива да влезе во владината програма за 2025 година е креирање на една сеопфатна национална стратегија за дигитална писменост, којашто ќе ги опфати и граѓаните надвор од формалниот образовен систем“, вели Јосифовска Даниловска.

Дигиталната писменост е особено важна за да граѓаните можат да препознаат дезинформации и онлајн измами, кои стануваат сè поприсутни во добата на содржини генерирани од вештачка интелигенција, посочи Јосифовска Даниловска.

Во однос на пристапот до дигитални уреди, таа ја истакна потребата од центри за дигитални услуги, напоменувајќи дека порано ваквата улога ја имале државните интернет клубови.

Јосифовска Даниловска објасни дека Фондацијата Метаморфозис со поддршка од Европската Унија поддржала три организации во Скопје, Прилеп и Кичево за воспоставување и управување со центри за поддршка на е-влада, односно за поддршка на граѓаните за користење на постоечките е-услуги, но и за зголемување на нивната дигитална писменост. Во рок од една година, биле услужени повеќе од 7300 граѓани од различни заедници од тие три региони. Овој проект допрел до многу повеќе луѓе во споредба со државниот, „Една точка за услуги“, преку кој, според анализите од минатата година на Метаморфзис, услужени биле околу 1.000 граѓани.

Но, постои и проблем во синхронизацијата на дигитализацијата меѓу институциите. Јосифовска Даниловска напомена дека неретко се случува нотар да не препознае документ издаден електронски, или пак да биде потребно да се прикачи физички издаден документ при користење одредена онлајн услуга. Таа го посочи т.н. X-Road систем во Естонија, кој се користи за да се пренесат секакви информации меѓу институциите, намалувајќи ги обврските на граѓаните за прикачување на истите лични информации во повеќе институции.

Крајната цел на конференцијата, која започна вчера, е да се идентификуваат бариерите кои го кочат напредокот на инклузија и да се идентификуваат решенијакои ќе придонесат за одржлив напредок на ромската заедница.