Денеска се одбележува Светскиот ден на Контролата на летање и стогодишнината од оваа професија

Фото: IFATCA

Денешниот ден, 20 октомври е Светски ден на Контролата на летање, а токму оваа година се слави стогодишнината на оваа професија. Во Северна Македонија, 120 контролори и помошници контролори на летање опслужуваат преку 1.200 воздухоплови на ден, вклучувајќи ги двата аеродроми во Скопје и Охрид, како и авионите кои ја прелетуваат нашата територијата.

„Домот на овие професионалци е М-НАВ а.д.Скопје, а нивното семејство е ЗКЛМ – Здружението на контролори на летање на Македонија. Денеска сме тука да посведочиме за првото столетие на Контролата на летање – голем јубилеј за оваа професија“, вели Наташа Миијат Крстевска, контролорка на летање на скопскиот аеродром и претседателка на Здружението на контролори на летање на Македонија.

Оваа воздухопловна гранка се востановила на европското тло на релација Англија – Франција, но денеска, контролорите на летање се чувари на небото низ целиот свет. Работат и дење и ноќе, секој ден од неделата, за да обезбедат континуиран сервис во воздушниот сообраќај. Здруженијата на контролори на летање ширум светот се дел и  од Meѓународната федерација на здруженија на контролори на летање, IFATCA.