Делегација на АРМ на конференција на ЕУКОМ во Германија

Делегација на Армијата на Република Македонија (АРМ), предводена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, учествува на конференција на земјите партнери на националната гарда на САД, којa се одржува во Гармиш, Сојузна Република Германија, соопштија денеска од Генералштабот на АРМ.

Како што информираат оттаму, учеството на македонската висока воена делегација на конференцијата, која е во организација на Европската команда на вооружените сили на САД (ЕУКОМ), е од особено значење за АРМ поради можноста за размена на информации од значење за безбедноста и за подобрување на меѓусебната воена соработка во справувањето со актуелните безбедносни ризици.

„Генералот Величковски за време на одржувањето на конференцијата оствари средби со високи воени претставници од ЕУКОМ, националната гарда на САД и од армиите учеснички на конференцијата, на кои првенствено се разговараше за понатамошно унапредување на меѓусебната воена соработка“, стои во соопштението од АРМ.

Програмата за партнерство на националната гарда на САД со армиите на земјите од Европа кои потекнуваат од поранешна Југославија, поранешниот Советски Сојуз и поранешниот Варшавски пакт, кои се во зоната на одговорност на ЕУКОМ, потекнува од 1993 година, кога и АРМ ја почна воената соработка со националната гарда на Вермонт.

„Главна цел на оваа партнерска програма е промовирање на заеднички пристап, градење на воените способности и унапредување на меѓусебната интероперабилност со што се придонесува за европската, но и за пошироката меѓународна стабилност“, додаваат од АРМ.