ЦУК: Два пожари сè уште се активни, еден е ставен под контрола

Гори борова шума и на планината Серта, Општина Штип, кај Криволак во правец кон селото Пенуш, кај месноста „Чешмедарски Рид“, каде што гори ниска вегетација

Фото: ЦУК (18 јули 2024)

Од вкупно 16 пожари во последното деноноќие, изгаснати се 13, два се сè уште активни и еден е ставен под контрола, информираше утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Уште гори кај селото Тажево во Македонски Брод – еден крак кон Беласица и друг кон заштитеното повеќенаменско подрачје „Јасен“, во правец кон месноста „Одделувачи за струја“.

ЦУК информираше дека се дејствувало со еден полициски хеликоптер од воздух, додека од земја пожарот го гаснеле 30 припадници на МВР и Единицата за брзо распоредување (ЕБР), четворица пожарникари, осум вработени во „Јасен“ и еден вработен во ЕЛС.

Гори борова шума и на планината Серта, Општина Штип, кај Криволак во правец кон селото Пенуш, кај месноста „Чешмедарски Рид“, каде што гори ниска вегетација.

Од ЦУК информираа дека под контрола е ставен пожарот на отворено на Илинска Планина во Демир Хисар, во реон помеѓу селата Слоештица, Брежани и Плаќе. Два „ер трактори“ на ДЗС дејствувале од воздух, а пожарот во кој гори ниска вегетација го гаснеле и четворица пожарникари, како и 14 припадници на ЈП „Национални шуми“.