ЦИВИЛ: Слободата на Украина значи слобода на Европа

Фото: Архива, кабинет на украинскиот претседател

Центарот за слобода „ЦИВИЛ“ ги повикува сите мирољубиви и хумани луѓе, интелектуалци, уредници, носители на одлуки и лидери во заедниците да ја осудат воената агресија во Украина, со донации, пораки и споделување на релевантни информации. Во соопштението до јавноста, од Центарот потсетуваат дека „ЦИВИЛ“ е првата македонска организација и меѓу првите во светот која ја осуди руската воена агресија врз Украина.

„Вчера се навршија 10 месеци од целосната воена агресија против Украина. Соочена со херојскиот отпор на храбрите Украинци и Украинки, руската солдатеска ги компензира секојдневните понижувачки порази на бојното поле со грозоморни воени злосторства“, наведено е во соопштението.

Во него стои дека цивилите, меѓу кои илјадници деца, жени, невооружени мажи и возрасни луѓе се подложени на непрекинато и неселективно бомбардирање.

„Војската и платеничките паравојски, вооружени до заби, фрустрирани од сопствената неспособност и кукавичлук, уште од првите часови на инвазијата убиваат цивили, силуваат жени и деца, ги подложуваат на ѕверска тортура, ги ограбуваат нивните домови, ја уништуваат инфраструктурата и го крадат украинското жито кое ја храни не само Украина, туку и целиот свет“, се додава во соопштението.

Геноцидната војна што ја води Русија, велат во „Цивил“, негирањето на украинската нација, јазик и идентитет, анексијата на делови од територијата на суверената држава Украина и систематското спроведување на терор против цивилното население, целосно го уриваат меѓународниот поредок.

„Северна Македонија е дел од државите на Западен Балкан, каде што руската пропаганда најде плодно тло кај одредени ултранационалистички и антизападни структури и политички групи. Дезинформациите и пропагандата се насекаде, на социјалните мрежи, во медиумите, во дејствувањето на пропагандистите на терен. За македонското општество е исклучително важно да ги препознае и да им се спротивстави. Секој може да придонесе и кон борбата против кампањите со дезинформации и говор на омразата“, стои во соопштението од „Цивил“.