Членовите на Анкетната пак се скараа, Ставрески нема да сведочи

Седницата на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето на која денеска требаше да сведочи министерот за финансии, Зоран Ставрески, е прекината.

Членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, како и вообичаено, повторно се скараа за дневниот ред, по што претседателот на комисијата, Петре Шилегов, ја прекина седницата.

Во изјава за новинарите, Шилегов рече дека е целосно нефер кон граѓаните од вкупно шест поканети функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ да сведочат само двајца, од кои ниту еден јавно. Тоа што Никола Груевски и Зоран Ставрески одбиле да одговараат јавно на прашањата, според Шилегов, е обид да ги скријат своите криминали од граѓаните.

– Со ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, се доведува во прашање целта на комисијата. Се добива впечаток дека сето ова е само фарса затоа што изјавите од Анкетната комисија требаше да служат за граѓаните да добијат увид во целата афера со прислушување, но ВМРО-ДПМНЕ одлучи да се крие – изјави Шилегов.

Тој рече дека сè додека Зоран Ставрески не одлучи да зборува јавно, оваа седница нема да продолжи.

Изјава за прекинувањето на седницата имаше и Антонио Милошоски, според кој, СДСМ ја одолжува целата работа за да има изговор и да каже дека некој дел од Договорот од Пржино не е исполнет и да може да побара одложување на изборите, како и за тоа што неговите претставници во комисијата не сакаат на ред да дојдат следните сведоци.