Четворица мигранти загинаа при обид за преминување на Ламанш

Четири лица биле пронајдени без сознание и не можеле да се спасат, додека 63 останати од бродот биле спасени

Markus Trienke, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Четворица мигранти загинаа откако брод се преврте при обид да го преминат Ламанш, соопшти француската крајбрежна стража, а пренесе Би-би-си.

Во текот на ноќта, патролен брод на морнарицата бил алармиран дека мигранти паднале во морето во близина на брегот на Булоњ-сур-Мер во северна Франција.

Од полицијата известија дека четири лица биле пронајдени без сознание и не можеле да се спасат, додека 63 останати од бродот биле спасени.

Според првите детали од крајбрежната стража, во спасувачката акција помогнал и рибарски брод.

Годинава низ овој канал поминале над 13.000 луѓе. Претходно оваа недела, новата лабуристичка влада на Велика Британија ги претстави плановите за справување со кризата со мали бродови.

Министерката за внатрешни работи Ивет Купер рече дека ќе назначи водач на новата команда за гранична безбедност на Обединето Кралство за неколку недели.

Владата се надева дека новото тело ќе ги намали премините со мали бродови во Ламанш.