Чавков: Безбедносната ситуација е поволна за почеток на туристичката сезона

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, денеска во Охрид оцени дека безбедносната ситуација на почетокот на туристичката сезона е поволна и дека во текот на целата туристичка сезона ќе се преземат сите мерки за апсолутно стабилна безбедносна состојба, соодветен јавен ред и мир, за да можат граѓаните и сите гости што ќе допатуваат во текот на целата летна туристичка сезона, да се почувствуваат мирни и безбедни.

– Министерството за внатрешни работи е силно фокусирано на развивање различни механизми, особено во нивна имплементација, и со сите сили ќе настојуваме да дејствуваме заедно со другите чинители во општеството. Ние сме сигурни во едно, дека факторите и причините на различни облици на криминалитет или други безбедносни појави се различни, од тие причини сметаме дека само со еден координиран, мултисекторски пристап можеме да влијаeме на нивно спречување и на обезбедување статус на безбедност – напомена министерот Чавков.

Тој додаде дека ќе се настојува да се дејствува на локално ниво во партнерство со сите чинители. Покрај телата што работат во рамките на локалната самоуправа, и државните органи што досега регионално функционираат во Охрид, ќе продолжат да даваат придонес во безбедносната ситуација. Партнерства ќе се воспоставуваат и со невладиниот и со бизнис-секторот.

– Само со еден таков пристап навреме ќе можеме да ги согледаме состојбите што влијаат на безбедноста и на јавниот ред и мир и од друга страна да обезбедуваме различни превентивни механизми за спречување развој на неповолни состојби. Јас се надевам дека ќе има успешна туристичка сезона во Охрид и, воедно, во цела Македонија – додаде Чавков.

Градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, исто така, од аспект на безбедносната состојба, очекува успешната туристичка сезона во Охрид.

– За нас, како охриѓани, е од несомнено значење градење на еден добар имиџ на градот, со поквалитетни услуги, за позадоволни туристи. Со една ваква поширока акција со сите субјекти, во очекување сме дека во текот на оваа сезона ќе имаме највисоко ниво на постигнување на ред и мир и безбедносна ситуација – рече Бакрачески.