Бугарската Фондација „Македонија“ во Скопје дели примероци на „Голяма българска читанка“ на Кузман Шапкарев

Примерок од бугарската читанка дистрибуирана вчера од Фондација „Македонија“ во згради во скопската населба Мичурин; Фото: Мета.мк

Читатели на новинската агенција „Мета“ кои живеат во скопската населба Мичурин вчера во своите сандачиња добиле отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“, кои биле спакувани во најлон кеса од Фондација „Македонија“ со испишана порака „Подарок од бугарскиот народ за нашите браќа“.

Новинската агенција „Мета“ успеа да дојде до еден примерок од изданието. Во него не е наведена печатницата каде е испечатено ова издание, уредник на изданието, кој го финансира неговото печатење, ниту пак во книгата е наведен CIP – Каталогизација во публикација на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” во Скопје, или пак соодветната бугарска институција која доделува ISBN – меѓународен стандарден книжен број.

Единственото нешто што е наведено како вовед, во како што се тврди, „новото фототипно издание” на читанката на Кузман Шапкарев, е обраќањето на Елисавета Шапкарева од 24 април 2021 година објавено на првата страница од примерокот. Шапкарева наведува дека се радува дека оваа книга ќе стигне до сите коишто држат до бугарштината во Македонија.

„Ќе се радувам оваа книга да допре до сите на коишто им е важна бугарштината во Македонија. Ние сме еден народ, разделен со граница, со заедничка историја, со заедничка европска иднина и со заеднички национални херои. Кому му припаѓаат тие? Ние одиме по еден пат, зборуваме еден бугарски јазик, сите сме Бугарија и нашата татковина е македонска Бугарија“, пишува авторката Шапкарева.

Таа ги цитира зборовите на Кузман Шапкарев: „Грижи се за татковината, за народноста и немој ништо да прежалиш за нивниот успех“. Нејзиното обраќање продолжува со зборовите: „затоа да живееме во мир и без спротивставувања што ќе нè разделуваат“.

Според информациите што ги добивме од нашиот читател, отпечатените примероци на ова издание тој ги нашол во сандачето од својата зграда во населбата Мичурин, но и други познаници од околните станбени објекти во Мичурин му кажале дека биле поделени идентични примероци од изданието.

Мета.мк ја контактираше Фондацијата „Македонија“, која има седиште во Бугарија. Испративме прашања до нив, и тие потврдно ни одговорија во однос на дистрибуцијата на примероци од ова отпечатено издание во скопската општина Аеродром.

„Да, потврдувам дека активисти на Фондацијата „Македонија“ бесплатно ја дистрибуираат ‘Големата бугарска читанка’ од Кузман Шапкарев од вчера. Главно во населбата Аеродром, но и во други делови од Скопје. Иницијативата ќе продолжи во следниве месеци и ќе се делат и други книги што се на книжевен бугарски јазик“, вели за Мета претседателот на Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов.

Како што посочува тој, целта на оваа иницијатива била образовна, за жителите на Скопје да се запознаат со еден од букварите што Кузман Шапкарев од Охрид ги издал во далечната 1868 година во Цариград.

„Книгата е препечатена од оригиналот. Неопходно е заради добрите односи меѓу нашите две општества, луѓето од Република Северна Македонија, особено младите, да знаат за нашата заедничка историја. Со оваа книга и многу други книги што ги дистрибуираме бесплатно низ Република Северна Македонија сакаме да подадеме братска рака на нашите браќа Македонци и да покажеме дека јазикот ни е многу близок, да не речеме, и истиот. Сите Македонци што читаат книги на литературен бугарски јазик лесно го разбираат. Тоа помага на добрите односи меѓу двете наши општества и за взаемното ценење и почитување“, гласи одговорот на Стојанов од Фондација „Македонија“.

Тој посочува дека не верува оти дистрибуцијата на ваквите отпечатени примероци во Скопје би можела да влијае на вториот круг на локалните избори во земјава што ќе се одржат во недела.

„Не сметам дека има некоја си врска со изборите в недела, исто како што не сметам дека на некаков начин ќе влијае на локалните избори в недела, оти оваа иницијатива ја имаме и ја вршиме веќе 6 месеци и ќе продолжиме да ја развиваме и во следните месеци“, вели Стојанов за Мета.

Инаку, токму Виктор Стојанов во март годинава преку граничниот премин Деве Баир пробал да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа на РСМ ги врати книгите назад во Бугарија, пишуваше тогаш порталот „Фактор.мк“. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Тогашната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева преку Фејсбук пост се закани дека „скандалозниот чин“ на македонските власти ќе ѝ биде презентиран на Европската Комисија. Захариева тогаш пиша дека книгите биле „бугарски народни песни” од браќата Миладинови.

„И покрај тоа што конзулот бил испратен на самото место од нашата амбасада во Скопје, царинските власти побарале претходната дозвола од Министерството за надворешни работи на РСМ да се усогласи со Министерството за култура на РСМ“, напиша тогашната министерка Захариева.

Неколку дена подоцна, вториот обид за овие 920 книги да ја преминат бугарско-македонската граница бил успешен, објави Бугарската национална телевизија на 2 април годинава, пренесе „Фактор.мк“. Во функција на ова, Амбасадата на Бугарија до македонската Царина го испратила договорот за донација на книгите, по што книгите по автобус пристигнале во земјава.