Бејби бумот во ЗОО Скопје продолжува, се родија три бебиња од загрозениот вид бели волци [Фото]

Фото,ЗОО Скопје

Во Зоолошката градина во Скопје се родија бебиња од загрозениот вид бели волци (canis lupus arctos), информираат тие. Стари се три недели, а белата боја на крзното, како на нивните  родители, ќе ја добијат со текот на времето.

„Волчињата се заедно своите родители и тие се грижат за нив во нивното живеалиште. Мајката ги роди во дувло коешто сама го направи и таму сокриени го поминуваат поголемиот дел од денот. Во многу земји на Европската Унија овие волци се строго заштитени со Бернска конвенција“, соопштија од ЗОО Скопје.

Белите волци во Зоолошката градина во Скопје пристигнаа од Чешка во 2020 година.

Арктичкиот волк (Canis lupus arctos) е подвид на сивиот волк кој ги населува арктичките региони на Северна Америка и Гренланд. Познати се и како поларни волци или бели волци.

Овој вид на волци спаѓа во загрозените видови, но не од човекот преку нивно ловење, туку од климатските промени кои се случуваат на Арктикот. Нарушениот еко-систем во овие делови значително го намали бројот на овие животни во последните години.

Оваа пролет во Зоолошката градина во Скопје се случува вистински „бејби бум“. Јаслите се збогатија со три лавчиња, белорак гибон, мала лама, бебиња кенгури, лемури, берберска овца и камила и други животни.