БАН со „тенки“ аргументи се скара со МАНУ за македонскиот јазик

Бугарската академија на науките (БАН), водечкото тело во академската сфера во Бугарија, бурно реагираше на потегот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 3 декември годинава да усвои „Повелба за македонскиот јазик“, во којашто „ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки“.

Во суштина, БАН нападот го темели на некои добро познати аргументи на бугарската страна, кои сепак не се толку поткрепени од фактите како што бугарските академици сакаат да претстават. Но за тоа малку подолу.

Она што веднаш паѓа в очи е дека голем број бугарски медиуми ги изнесоа тврдењата на БАН. Анализирајќи го пишувањето на некои од побитните, Мета.мк забележа дека горе-долу, медиумите главно ги пренесуваат текстовите од бугарските новински агенции, кои делумно ја цитираат официјалната реакција од Собранието на академиците и дописните членови на академијата, како и делови од посебните ставови на Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевските научен центар и Институтот за историски истражувања.

Бугарските академици обвинуваат дека МАНУ ја фалсификува историјата, и изнесувајќи ги своите ставови, постојано зборува за одредени „објективни заклучоци“, пречекувајќи ги аргументите на МАНУ со, парафразирано и скратено, „се знае дека македонските говори се дел од бугарското јазично подрачје“.

Притоа настапот е со полагање право на апсолутната вистина. Божем бугарската лингвистика е конечниот авторитет за потеклото и признаена од светската академска заедница. Но она што во најилустративниот од четирите наведени документи, ставот на Институтот за бугарски јазик при БАН, не е наведено е дека светската академска заедница не дава неподелена поддршка на бугарската лингвистичка догма. Како илустрација, љубопитниот читател може да провери колку од академиците во светот ги прифаќаат обидите на бугарски лингвисти старословенскиот јазик да се нарекува „старобугарски“? А колку, впрочем, научници што не се од Македонија зборуваат за друга вистина, онаа за посебност на македонските дијалекти како крајниот југозападен ареал на словенските говори, притоа окружени од грчкиот и албанскиот јазик и повлијаени од него, може да се види тука.

Но доволно за овој нов обид бугарската официјална доктрина за Македонија повторно да се наметне на јавноста во двете земји – Бугарија и Северна Македонија.

Фактите зборуваат нешто друго. Имено, покрај изнесените аргументи во Повелбата на МАНУ, неоспорно е и дека кодификацијата на македонскиот јазик почнува со Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, кога македонскиот јазик се прогласува за службен јазик, по што во ноември истата година се формира комисија што треба да поднесе предлог за азбука и правопис, со идеја да не се прифаќаат српската или бугарската кирилица како несоодветни за спецификите на јазикот. И далеку од тоа дека ова е првото споменување на македонскиот јазик во историјата.

Тоа, заедно со подетални информации за работите изнесени во последниов пасус, може да се прочита во оваа статија на Википедија. A дека на официјална Бугарија ѝ биле јасни многу работи, што никогаш не смогнала храброст да ги признае, може да се прочита тука.