Бајден на самитот на НАТО излезе со одлучен говор

Американскиот претседател истакна дека алијансата е посилна од кога било и најави нова помош за Украина

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Американскиот претседател Џо Бајден го отвори самитот на лидерите на земјите-членки во НАТО во Вашингтон. Во неговиот говор, тој истакна дека алијансата е посилна од кога било, имплицирајќи дека ќе победи на претседателските избори против Доналд Трамп, кој континуирано изразува скептичност кон НАТО и желба да соработува со Путин, пренесува Би-би-си.

Трамп често го критикува НАТО поради тоа што многу од земјите не го исполнуваат условот на одвојување најмалку два проценти од државниот буџет за одбрана. Бројот на држави кои го исполнуваат овој услов драстично се зголеми по руската инвазија во Украина. Но, тоа не го спречи Трамп да каже дека смета дека Русија смее да прави „што сака“ со земјите кои не „плаќаат доволно“.

Бајден зборуваше 13 минути со чист глас и јасна мисла, значајно различно од неговиот настап за време на неодамнешна дебата против Трамп.

Американскиот претседател најави повеќе помош за Украина, истакнувајќи дека воената помош е сè попотребна во време кога „автократи го нарушуваат глобалниот поредок“.

Бајден најави дека САД, Германија, Италија, Холандија и Романија ќе донираат батерии за ракетниот систем „Патриот“, како и други воени системи за зајакнување на ослабената воздушна одбрана на Украина.

Најавата за дополнителна помош доаѓа два дена по обемниот руски напад во Украина, каде беа забележани најмалку 43 жртви, а беше и оштетена детска болница.

На самитот зборуваше и новоизбраниот премиер на Велика Британија Кир Стармер. Тој јасно го изрази својот став за важноста на НАТО во одржувањето на светската безбедност. Стармер ги повика земјите-членки на НАТО да ги зголемат своите воени буџети, со што би помогнале во одбрана во земјите кои се соочуваат со воена криза.  Се очекува Стармер наскоро да потврди кога и како точно ќе го зголеми буџетот за одбрана на Обединетото Кралство.

Средбата со Бајден и Стармер ќе биде одложена поради здравјето на американскиот претседател, додека се очекува британскиот премиер и украинскиот претседател Володимир Зеленски да се состанат и да разговараат за понатамошните цели и стратегии на Украина во војната.