Бајден ги повика граѓаните да гласаат за Харис во оптимистички говор

Американскиот претседател се наврати на достигнувањата од својот мандат и ги охрабри граѓаните да ја „заштитат демократијата“ со тоа што ќе гласаат за потпретседателката Камала Харис на претстојните претседателски избори

Претседателот Џо Бајден заминува по говорот на Конвенцијата NAACP, вторник, 16 јули 2024 година, во Лас Вегас, Невада. (Официјална фотографија на Белата куќа од Адам Шулц)

Само еден месец откако американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека ја повлекува својата кандидатура за претседател и ја предава штафетата на потпретседателката Камала Харис, тој одржа оптимистички говор на  Демократската национална конвенција (ДНЦ), пренесува Гардијан.

Бајден цврсто застана зад Харис, апелирајќи на публиката да гласа за неа за да се „заштити демократијата“.

„Верувам дека напредокот е можен. Правдата е достижна, а нашите најдобри денови не се зад нас – тие се пред нас. Со благодарно срце, стојам пред вас оваа ноќ за да соопштам дека демократијата преовлада“, рече Бајден.

Американскиот претседател даде ретроспектива на успесите достигнати во својот мандат. Тој ги потсети гледачите на главните закони што ги потпиша, вклучително и двопартискиот закон за инфраструктура и Законот за намалување на инфлацијата.

„Имавме една од најневеројатните четири години напредок досега. Ковид повеќе не ги контролира нашите животи. Од економска криза преминавме во најсилната економија во целиот свет“, рече Бајден.

Тој им се заблагодари на сите кои гласале за него и рече дека сега е многу пооптимистички настроен во споредба со тоа кога станал сенатор на 29 години.

Дополнително, Бајден рече дека тоа што се повлекол за да го отстапи своето место на Харис било „најдобрата одлука во својата кариера“. Тој истакна дека Харис била клучна во одредени одлуки изминатите четири години.

„Погодете кој го даде одлучувачкиот глас за да се донесе законот за намалување на цената на лекови на рецепт? Потпретседателката, идната претседателка, Камала Харис“, истакна тој.

Бајден исто така го критикуваше републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. Тој ги исмеваше обвиненијата за кривични дела против него, споредувајќи го со Харис, која претходно била јавен обвинител во државата Калифорнија.

„Насилниот криминал во државата падна на најниско ниво во изминативе 50 години, а криминалот ќе продолжи да се намалува кога ќе ставиме обвинител во Белата куќа наместо осуден криминалец“, рече Бајден на ДНЦ.