Ангеловска не забранила комуникација со новата заменичка-министерка за финансии

Министерката за финансии Нина Ангеловска не забранила комуникација со новата заменичка-министерка за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, пишува „КриТинк“.

Насловот на текстот „СКАНДАЛ: Министерката на Заев им забрани комуникација на вработените со новата заменичка од ВМРО-ДПМНЕ“ е бомбастичен, но не e поткрепен со докази дека министерката за финансии Нина Ангеловска, наводно забранила комуникација на вработените со новата заменичка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Демант на оваа информација стигна и од Министерство за финансии.

„Организацијата на работата на Министерството за финансии, како и кај секој државен орган, е точно утврдена и пропишана со Процедури за работа. Согласно Процедурите за работа, вработените го работат предметот, го доставуваат до раководното лице на одобрување, а потоа до Кабинетот на одобрување – што е пракса години наназад. Структурата на изработка и проверка на предмети постои токму со таа цел – проверка и точност на податоци. Обидот да се претстави пропишаната процедура за работа како завера од страна на одредени медиуми, не го гледаме како ништо друго освен обид за политичко поентирање преку лажни вести. Тоа е спротивно на интересот на Министерството за финансии јавноста да биде навремено и точно информирана“, се вели во демантот на Министерство за финансии.