АНАЛИЗА: Сè повеќе пензионери и сè повеќе пари за пензии, трошоците на државниот ПИОМ надминаа 11% од БДП

На 1,7 вработени - по еден пензионер. На 1.000 вработени – 588 пензионери. Бавно се стеснува „јазот“ меѓу бројот на вработени и на пензионери

фото: Порталб.мк

Пензионерите од септември очекуваат повисоки пензии за 2.500 денари, линеарно. Ова беше едно од првите ветувања на новата Влада. Според пресметките на Министерството за финансии, со ребаланс на Буџетот треба да се обезбедат 80 милиони евра неопходни за редовна исплата на пензии до крајот на годинава, пишува Порталб.мк. Од друга страна, статистиките на државниот ПИОМ покажуваат дека бројот на пензионери расте, а расходите надминаа 11 отсто од БДП.

За една година 2.000 нови пензионери, за пет години буџетските трансфери повисоки за 50 милиони евра

На 1,7 вработени – по еден пензионер, на 1.000 вработени – 588 пензионери. Бавно се стеснува „јазот“ меѓу бројот на вработени и на пензионери. И новиот Извештај за работата на ПИОМ во 2023 година покажува дека државниот фонд и натаму останува финансиски зависен од државниот буџет, со раст на трошоците во секоја следна економска година. Според податоците од извештајот, лани од централниот Буџет на сметката на ПИОМ биле префрлени 510.224.000 евра. Споредбената анализа на податоците покажува дека, за пет години, буџетските трансфери се зголемени за 53.400.000 евра.

Инфографик: Фисник Џелили / Порталб.мк

Од друга страна, во истиот анализиран период има пораст и во изворните приходи во кои најголем удел има придонесот на доход. Лани по овој основ биле наплатени 1.030.000.000 евра. Но, и покрај ваквиот тренд на пораст на изворните приходи на фондот, тој и натаму останува зависен од централниот Буџет.

„Во периодот од 2010 до 2023 година се зголемуваат расходите како резултат на зголемување на бројот на корисници на пензија и на усогласувањето на пензијата. Расходите за исплата на пензии во 2023 изнесуваа 1.268.000.000 евра и, во споредба со 2010 година, се зголемени за 126,40%“, се  наведува во новиот извештај на ПИОМ.

Проблематичната финансиска состојба на овој фонд, кој е со најгломазен буџет во државата, беше нотирана и од страна на ревизорите, со укажување дека со вакво работење и натаму ќе има проблем со зголемување на дефицитот во фондовската каса.

„Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година“, посочија ревизорите.

Заклучно со мај годинава, во земјава се регистрирани 337.078 корисници на пензија. Најголем дел од пензионерите – нешто над 30 отсто – имаат пензија од 13.192 денари до 16.909 денари.

Инфографик: Фисник Џелили / Порталб.мк

Ако се направи анализа на податоците за корисници на пензија, дури две третини, или над 60 отсто од пензионерите, имаат пензија пониска од 22.500 денари, односно пониска од 366 евра. Само 12,6 отсто, пак, имаат пензија повисока од 36.614 денари, односно од 595 евра. Владата најави дека во септември, сите пензионери, линеарно, ќе добијат по 2.500 денари зголемување, за што државата треба да обезбеди 40 милиони евра. Според последното појаснување од Министерството за финансии, за редовното законско усогласување на пензиите ќе бидат потребни 30 милиони евра, при што Владата до крајот на годинава обезбедува уште 10 милиони евра за да го испорача даденото изборно ветување. Но, за разлика од сегашниот модел за процентуално зголемување, сега парите ќе се поделат линеарно.