АНАЛИЗА: Големите општини ќе можат да аплицираат за државни пари, некои од нив тонат во долгови

На ниво на држава, најголема општина со 98.104 жители е Куманово и таа ги исполнува условите за потенцијален апликант за државните средства од пакетот вреден 100 милиони евра за годинава

Фото: Мета.мк

Општини во Македонија со помал број на жители пријавиле поголеми долгови. Има локални самоуправи кои како потенцијални кандидати за државните пари од унгарскиот кредит, немаат доспаени обврски, но милионски суми должат јавни претпријатија формирани и менаџирани од локалната власт, анализира Порталб.

На ниво на државата, со исклучок на скопските општини, најголем број на жители имаат Куманово, Битола, Тетово, Прилеп, Охрид и Струга. Со најголем број на жители е Куманово, со најголеми долгови е Тетово. На ниво на држава, најголема, со 98.104 жители е општина Куманово и според бројот на жители оваа локална самоуправа ги исполнува условите за потенцијален апликант за државните средства од пакетот вреден 100 милиони евра за годинава. Општина Куманово заклучно со првото економско полугодие нема доспеани, а неплатени обврски, но на
„должничката листа“ на Министерството за финасии со пријавени долгови се
наоѓаат јавни претпријатија формирани од општината и во надлежност на
општината, како што е ЈП Водовод Куманово со долг од скоро 9,2 милиони
евра и јавното претпријатие Чистота и зеленило со 3,5 милиони евра.
Со 85.164 жители, општина Битола е втора по големина. На крајот на јуни
доспеаните, а неплатени обврски изнесувале 310.300 евра, а долг во износ од
453.000 евра пријавило ЈКП Водовод и ЈП Стрежево Битола со пријавени
неплатени обврски во износ од скоро 207 000 евра.

Трета, според бројот на жители, со 84.770, е општина Тетово. Оваа локална
самоуправа долги години е рангирана меѓу најзадолжените на ниво на
државата. На крајот на вториот квартал од годинава, според податоците од
Министерството за финансии, Тетово имала 9,9 милиони евра доспеани а
неплатени обврски поради што е рангирана на 13 место на новата листа на
државни институции со долгови. Неплатени обврски пријавиле, меѓудругите,
и ЈКП Тетово во износ од 5,7 милиони евра, како и јавното претпријатие Градски паркинг Тетово, со долг од 67.500 евра.

Со исклучок на скопските општини, општина Прилеп е на четврто место со 69.025 жители. На крајот на јуни оваа локална самоуправа пријавила скоро 732.000 евра доспеан долг. Неплатени обврски во износ од скоро 400.000 евра имало и ЈКП Комуналец Прилеп, а обврски имаат и други јавни претпријатија под капа на општината.

Општина Охрид со 51.428 жители е една од локални самоуправи кои според бројот на резидентно население ги исполнува условите за државните пари. И оваа општина долги години котира високо според износот на долговите кои се провлекуваат со години. На крајот на јуни, Охрид пријавил долг во износ од 1,1 милион евра. Значајно повисок долг од општината има јавното претпријатие Водовод Охрид со досепани а неплатени обврски во износ од 5,9 милиони евра.

Следна според бројот на жители, со 50.980 е општина Струга. И оваа локална самоуправа со години пријавуваше милионски износи на долгови. На крајот на јуни тие изнесувале 1,4 милиони евра, а голем износ од 3,9 милиони евра пријавило јавното претпријатие Водовод и канализација Струга како и јавното комунално претпријатие, со обврски од 740.300 евра.

Државните средства од унгарскиот кредит ќе се делат откако ќе се усвои ребалансот на буџетот, со уверување од надлежните дека пристапот нема да се политизира и нема да има селективност, туку пари ќе добијат оние општини кои ќе понудат кавалитетни инфраструктурни проекти.