Албанија го зголеми нивото на безбедност

Албанскиот премиер Еди Рама на вонредна седница побара од сите институции да преземат дополнителни мерки за зголемување на нивото на безбедност.

Рама побара дополнителни безбедносни мерки на објектите од витално значење, граничните премини, граничната линија, воените објекти, пристаништата, аеродромите, училиштата, болниците, местата каде се собира повеќе народ, хидроелектричните централи, водоводите, телефонските и интеренет-центрите, како и телевизиите.

Седницата и дополнителните безбедносни мерки премиерот ги побарал по заканите дека Албанија може да биде следна цел на терористички напади од Исламска држава, упатени преку порака на електронската пошта на албанскиот министер за внатрешни работи, Саимир Тахири.

„Сега сте вие на ред! Почна светата војна против оние кои учествуваат во борбата против ИД. Ќе се плашите и ќе молите на колена пред Алах“, пишува во пораката, која завршува со традиционалниот исламски извик „Алах е голем!“.

По ваквата порака припадниците на антитерористичките единици на албанската полиција почнале истрага.

Ова не е прва закана на џихадистите упатена кон Албанија, од каде на боиштата во Сирија се приклучиле повеќе од 150 лица, а 15 се убиени.