Ахмети: Секој член да работи со голема посветеност на остварување на нашите национални цели

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по повод 14-годишнината од основањето на партијата, испрати честитки на сите соработници, членови, симпатизери, колеги, како и на сите граѓани.

„Петти јуни 2002 година ќе остане засекогаш значаен датум за сите нас, денот кога сите заедно одлучивме да воспоставиме наследнички субјект и потомци на Ослободителната национална армија, Демократската унија за интеграција. Нашата 14-годишнина доаѓа во многу тешки околности за да нè потсети дека ни останува уште многу работа, која повторно ќе ја оствариме заедно. Затоа, го повикувам секој член и соработник да работи со голема посветеност на остварување на нашите национални цели, интегративни цели, како и на реализација на нашите програмски определби во корист на граѓаните. Исто така, ги уверувам поддржувачите и граѓаните дека ние никогаш нема да отстапиме од овие определби составени заедно. Во текот на овие години, ДУИ има инсталирано афирмативни вредности, кои се оценуваат од граѓаните, вклучувајќи го промовирањето на непосредна демократија, избегнување на навредите, но и реваншизмот против политичките противници. Исто така, ДУИ има промовирано државотворни вредности и покрај разликите кои се присутни кај нашите сограѓани, кои сè уште не го гледаат консензуалниот процес како неизбежен, но и користен за земјата“, стои во соопштението.

Како што се наведува понатаму во сопштението, ДУИ се ангажирала за подигнување на квалитетот на образованието, отворање универзитети, основни и средни училишта, унапредување на локалната власт и за приближување на власта со граѓанинот, а покрај тоа посветено работела и на промоција на дијалогот, компромисот и разбирањето, како и на градењето конструктивен дијалог со Брисел и со Вашингтон.

„Соработката, заемната поддршка, неспоредливата мобилизација и посветеноста кон заедницата се карактеристиките кои ги одбележаа активностите на нашите членови во сите организациони структури и овој дух на заедништвото и на солидарноста ќе продолжи да ја карактеризира ДУИ, бидејќи таква ја сакаат Албанците, обединети и посветени едни за други и едни со други, во служба на своите граѓани и на државата. Заедно и со посветеност ќе го продолжиме ова патување, мисијата и нашиот идеал за заедничко добро, не престанувајќи ниту еден момент во нашите напори за да ги реализираме заеднички цели“, се вели во обраќањето на Ахмети.