Ахмети: Специјалниот обвинител ќе се избере во вторник

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за весникот „Коха“, вели дека специјалниот обвинител ќе биде избран во вторник, како што е пропишано со Договорот од Пржино, а негов предлог е специјалниот обвинител да има осум заменици обвинители во својот тим и тројца од нив да бидат Албанци.

– Од првиот ден изразивме подготвеност да се презентираат потенцијалните кандидати за оваа важна позиција и тоа веќе го направивме и официјално, без оглед на конечното решение што треба да биде постигнато со консензус меѓу четирите политички партии и меѓународната заедница – вели Ахмети, а пренесе „Алсат М“.

За корупцискиот случај со „Маѓар телеком“, во кој се споменуваат тој и негови најблиски соработници, Ахмети вели дека тоа е клевета која треба да ѝ наштети на ДУИ во пресрет на изборите следната година.

– Во иста насока е и интензивната кампања на разни клевети на моја и на адреса на ДУИ, вклучувајќи ги и тврдењата на еден припадник на тајните служби осуден за измама, кој се обидува да ме вмеша мене и моите соработници во непостоечки настани од пред 10 години. Јас ве уверам дека сите овие конструкции се клевети во рамки на гореспомената кампања. За жал, луѓето ќе се тероризираат со уште такви вести, сè до крајот на изборите наредната година – вели Ахмети.