Муслиманите денеска го слават празникот Рамазан Бајрам

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка во која токму во духот на празникот, порача не само во претстојните три празнични дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни и љубезни, исполнети со среќа и со радост

Припадниците од исламска вероисповед денеска го празнуваат празникот Рамазан Бајрам. Големиот празник го означи крајот на триесетдневниот пост од утро до мрак во кој секој муслиман покрај од храната и пијалакот се откажува и од лоши мисли и дела, посветувајќи се на молитва и на духовност. Како еден од столбовите на исламот, Рамазан е месец на добрина, милост, љубов и простување.

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка во која токму во духот на празникот, порача не само во претстојните три празнични дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни и љубезни, исполнети со среќа и со радост.

„Сите сплотени да споделуваме со нашите ближни, со нашите поблиски и подалечни соседи, визија за благосостојба, просперитет и развој на нашата заедничка татковина. Честит Рамазан Бајрам“, напиша Пендаровски.