Просечната нето-плата во јули се искачила на 36.286 денари

Највисока просечна нето-плата во висина од 91.970 денари имало во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности

Фото: Мета.мк

Зголемување од 14,1 отсто на просечната нето-плата регистрирал Државниот завод за статистика во текот на јули 2023 година. Исплатената нето-плата во седмиот месец изнесувала 36.286 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Градежништво (19,5 отсто), Образование (17,2 отсто) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (16,8 отсто).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (7,9 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (5,3 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,6 отсто).

Највисока просечна нето-плата во висина од 91.970 денари имало во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности. Најниски просечни примања имале вработените во секторот Заштитни и истражни дејности, кои изнесувале 20.014 денари.