Македонија ќе повика на одговорност за сите сторители на воени злосторства во Украина

Бујар Османи рече дека во однос на осудата на злосторствата, земјава досега ги поддржала сите резолуции и иницијативи за формирање на формален процес за барање одговорност за тие злосторства и се разбира дека ќе се придружи на сите иницијативи

Фото: МНР

Македонија повикува на одговорност за сите сторители на воени злосторства во Украина, е одговорот којшто денеска го даде министерот за надворешни работи Бујар Османи на прашањето за тоа како нашата земја би постапила откако Меѓународниот кривичен суд во Хаг на 17 март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воените злосторства извршени во Украина.

Министерот Османи како одговор на новинарско прашање за влијанието на Руската Федерација во регионот, рече дека долго време зборуваме за нејзиното влијание врз мирот и стабилноста.

„Руската Федерација никогаш нема понудено алтернатива на Западниот Балкан, меѓутоа начинот на којшто се обидува да го оствари своето влијание е преку одржување бесперспективност во смисла на ЕУ и одржувајќи ги живи замрзнатите конфликти овде“, изјави Османи.

Русија се обидува да го киднапира незадоволството на луѓето од тешкиот европски процес и од билатерализацијата на европскиот процес, трансформирајќи го тоа незадоволство во антизападно или антиевропско, рече Османи.

Во однос на новинарското прашање за евентуално апсење на Владимир Путин од земјава, Османи рече дека земјава уште од првиот ден имаше недвосмислен став за осуда во однос на непровоцираната и неправедна руска агресија во Украина.

„Не само што пристапивме веднаш во овозможување на хуманитарна и воена помош, денеска РСМ е четврта земја во НАТО по глава на жител според безбедносната поддршка што ја дадено на Украина. Меѓутоа, исто така се има придружено на сите 10 пакети на санкции коишто ги воведе ЕУ, и со тоа, уште како земја која преговара со ЕУ, има 100% хармонизирана надворешна и безбедносна политика со таа на ЕУ“, изјави Османи.

Македонскиот министер за надворешни работи додаде дека ставот на Република Северна Македонија по однос на осудата на злосторствата е дека досега ги поддржа сите резолуции и иницијативи за формирање на формален процес за барање одговорност за тие злосторства и се разбира дека ќе се придружи на сите иницијативи.