Уставниот суд ја укина одлуката со која Општина Центар донесе ДУП во 2014 година

Фото: Општина Центар

Уставните судии на денешната седница ја укинаа одлуката со која на 18 јули 2014 година, Советот на Општина Центар го донесе Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј07, со локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара. Судиите оцениле дека одлуката за ДУП е спротивна на Законот за локална самоуправа, поточно, спротивна на членот 62 став 2 од овој Закон.

„Уставниот суд оцени дека не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа „за“, како што предвидува Законот“, рече портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Согласно правното мислење на судот, од вкупно 23 члена колку што броел Советот на Општина Центар, присутни биле 12 члена, од кои „за“ донесување на одлука за ДУП гласале 11 члена, додека еден бил против.

Уставот во членот 110 предвидува дека прописите треба да бидат во согласност со законите, што не е случај во конкретната ситуација.

„Општина Центар нема да може да издава одобренија за градби за конкретните локации кои се опфатени со Деталниот урбанистички план, бидејќи тој ДУП не постои од денот кога ќе биде објавена одлуката на Судот во Службен весник“, потенцира Беловска.